Бактериолошки водата од Тиквешко припаѓа на прва и втора класа!
Тиквешани и ова лето спокојно можат да ја користат водата од вештачката акомулација Тиквешко Езеро за капење и наводнување на земјоделските површини.
Таа е безбедна за ова намена согласно правилникот за квалитет на површинските води, потврдија од Центарот за јавно здравје Кавадарци. Од почетокот на годината досега се земени седум мостри и резултатите покажале дека таа е безбедна за користење. Во јули, август и септември кога и најмногу се користи за рекреација Тиквешкото Езеро квалитетот на водата ќе се проверува два пати месечно.
„ Добиените резултати покажаа дека по хемиска иправност, водата одговара на пета класа, а по присуство на органски материи на четврта класа. Ова покажува дека водата е исправна и не е штетна по здравјето на луѓето. Бактериолошките анлаизи покажаа дека водата од Тиквешкото Езеро припаѓа на прва и втора класа. Пред два дена земени се нови мостри од Тиквешкото Езеро. Резултатите ќе бидат готови деновиве, но не оелкуваме да има разлики од досега добиените резултати за исправност на водата“ рече д-р Трајче Ризов, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје Кавадарци./А.Д