Кавадарчани слабо барат информации од јавен карактер
Кавадарчани многу малку бараат информации од јавен карактер е заклучокот на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Иако се работи за уставно загарантирано право, сепак граѓаните, најверојатно поради неинформираност, ретко се обраќаат до институциите за одредена информација , беше речено на денешната обука што Комисијата за слободен пристап до информации ја одржа во Кавадарци.
„Одредени заедници – општини имаат многу добар резултат. Најчесто ова право го користат невладините организации, прават сопствени проекти и бараат од институциите инфорнмации од јавен карактер во било кој обем. И граѓаните имаат право да бараат. Од одредени општини граѓаните многу повеќе го имаат осознаено ова право. Конкретно за Кавадарци можам да кажам дека имаме малку застој. Затоа и сме овде да им кажеме на граѓаните дека го имаат оваа уставно загарантирано право. Законот за слободен пристап до инфорнмации го штитат барателот на информации.“ рече Цветан Станоевски од Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Откако граѓаните ќе поднесат барање за одредена информација имаат законски рок од 30 дена да добијат и одговор. Од Комисијата велат дека овој рок е предолг и правеле напори да издејствуваат законски измени и рокот да биде скратен на 15 дена.
Ова право на граѓаните им овозможува да побараат и да добијат информации од државните институции на централно и на локално ниво, вршејќи контрола над нивната работа, особено во делот на трошењето на буџетските средства. Институциите, или имателите на информации како што се нарекуваат во законот, имаат обврска редовно да ја обновуваат листата на информации со кои располагаат.
Барање за слободен пристап до информација од јавен карактер може да поднесе секое физичко или правно лице, без оглед дали е домашно или странско . Барателот на информацијата не смее да биде дискриминиран по било која основа.
Увидот во бараната информација е бесплатен. Доколку граѓаните побараат препис, фотокопија или електронски запис од информацијата, во тој случај се плаќа надоместок во висина на материјалните трошоци.
„Слободниот пристап до информации од јавен карактер претставува значајна алатка на патот кон постигнување на целосна транпарентност и отвореност на институциите кон граѓаните. Преку овој процес институциите ги отвораат своите врати, се отргнува превезот на тајност и затвореност кој не му носи поволности никому, ниту на граѓаните, ниту пак на институциите и власта“ велат од Комисијата за слободен пристап до информации./А.Д