За поголема безбедност во сообраќајот едукација на најмладите!
Основните правила во сообраќајот од почетокот на новата учебна година заклучно до денеска ги учеа првачињата и средните и големи групи од градинките во Кавадарци.
Низ оваа обука која традиционално ја споведува одделението за превенција при кавадаречката полиција, поминаа сите основни училишта од Кавадарци, Детската градинка „Рада Поцева“, првачињата од ОУ „Пере Тошев Росоман“ и дечињата од детската градинка „Праскичка“ во Росоман. Последни во овој циклус на едукација денеска беа дечињата од работниот објект „Изворче“. Учеа за значењето на тротоарот, пешачкиот премин, семафорот, седењето на задното седиште во автомобилите. Сообраќајни правила кои преку видео презентација на најмладите им ги претставија инспекторите Благица Кицева и Диме Точков.
Преку интерактивна дискусија и двајцата заклучија дека младите веќе ги знаат овие правила и на истите добро дискутират за тоа што смеат, а што не смеат да прават кога се во улога на пешаци и веќе вклучени во сообраќајот.
Децата пееја за зебрата, за семафорот, а сетоа тоа доста вешто го имаа насликано и на хартија која им ја подарија за спомен на инспекторите.
За практично да биде применето сетоа тоа што денеска Полицијта им го презентираше на најмладите, со помош на униформиран полициски службеник, во група, дечињата излегоа на првиот пешачки премин, застанати пред семафорот, со цел да покажат практично што научија. Ја преминаа улицата и почитувајќи ги сите сообраќајни правила безбедно се вратија во својата градинка.
„Ова е крај за овој дел од почетната едукација за најмладите. Станува збор за традиционална обука која започнува секој септември, а продолжува подоцна со квиз натреварите наменети и за најмладите, но и за основците од поголемите ооделенија со цел да се стекнат со знаење од областа на сообраќајот , но и правилно применуваат сообраќајните правила како би имале помалку незгоди.Пешаците се нај загрозената категорија во сообраќајот и токму затоа целта на Полицијата е од нај рана возраст да ги научи децата на сообраќајните правила“, рекоа инспекторите за превенција./А.Д
