Што сакаш???
Македонската кинематографија деновиве е горда со најновиот производ кој ако имаме малку среќа во последната сабота од месец февруари 2015 година ќе го видиме на доделувањето на Оскарите во категоријата филмови од неанглиско говорно подрачје.
„До Балчак“ е дефинитивно најбезобразниот филмски наслов во Македонија, авангарден, насилен, но и оригнинален, баш како и режисерот Столе Попов. А човекот е македонска филмска икона. Неговите незаборавни реплики од култниот „Тетовирање“ до ден денешен се реплики кои со иста тежина се користат и во уличните жаргони и во највисоките кулоари. Истата тежина и уметнички наплив на емоции кои во истовреме се учат на највисоките образовни институции за филм и театар, но се учат и по дебармаалските кафани и скопските улици, пресликано во уште еден незаборавен филм „Среќна нова ’49“. „Морално беше Пиги“.
Целата среќа на светот му ја посакуваме на филмот „До Балчак“ да истрае и успее во мисијата, да го донесе првиот Оскар во Република Македонија. Чекајќи го „До Балчак“ на домашен терен, да се потсетиме, Кавадарци го доби првото 3D кино во Македонија, кое на репертоарот внимателно ги селектира и нуди премиерите на светските хитови кои заслужуваат внимание. Но, за жал, кавадаречкото 3D кино нема публика. Проекција, филмски хит, идеални услови, одлична слика и звук, најнови фотељи и ентериер, и кино благајна со минимална посетеност. Господа, лаевме на ѕвездите, и бевме прегласни дека Кавадарци заслужува да му се врати духот на киното. Кино имаме, публика ни за лек. СРАМОТА!!!
Викендов се играше дерби натпревар во женска кошарка, и тоа не било каков, туку градски. Екипите на МНА Кожувчанка и Вајс Профил го одиграа натпреварот за историја на градската женска кошарка. За жал, пред празни трибни. А сетете се само до пред дваесетина години. Една од најсилните женски екипи во Македонија и на Балканот, Тиквеш Флорида своите натпревари ги играше токму тука, во спортскиот храм „Јасмин“ во Кавадарци. И тогаш, бевме таму, се бараше карта повеќе, се китевме со успесите на девојките, со гордост ги изговаравме нивните имиња, за денес, да се срамиме што не сме тука да ги поздравиме нашите деца.
Најголемата единица (фаќајте пријатели да ја поправите) ја добивте во првите две кола од редовното четвртолигашко општинско натпреварување. Сакавте фудбал, господа каков фудбал???
Фудбал пред телевизија во сабота и недела, со талони од спортските обложувалници? Таков фудбал? Или можеби сакате фудбал пред преполни трибини на градскиот стадион во Кавадарци, каде некогаш и 5000 луѓе, љубители на фудбалот чекаа на ред да платат билет и да уживаат во неделното попладне во магијата на фудбалската игра. Денес игра Тиквеш, но за жал, само пред навивачката група „Лозари“, пред управниот одбор и неколкуте родители на момците кои со гордост го носат дресот на реинкарнираниот фудбалски клуб Тиквеш.
И со најголемата културно стопанска манифестација „Тиквешки гроздобер“ не се работите сјајни. Секогаш ќе постојат организаторски грешки затоа што културните евенти се избор на вкусови, но да не се појавиме на градскиот плоштад значи и дека не го поддржуваме настанот кој е белег на град Кавадарци од 1964 година, и секогаш добива висока 5 од побратимените градови и случајните намерници.
Почитувани пријатели… Вака веќе нема да може. Дајте веќе еднаш, одлучете се што сакате. Овој град сеуште има ентузијасти и луѓе кои веруваат во подобро утре, но без Вашата поддршка и масовност, без Вашето присуство и аплауз, без Вашиот Амин и благослов, ќе бидеме таму каде што сме, а во моментот ми се чини дека сме таму каде што никој не сака да биде.
Еднаш во животот и ние да бидеме самокритични. Ајде да го преформулираме прашањето: „Што прави Кавадарци за мене???“ –
„Што сум направил јас за Кавадарци“ е вистинското прашање на кое сите треба да си одговориме.
П.С. Време е да ги поставиме работите на своите места или… до балчак!!!
Душко Стефанов – Досие
