Златен медал за виното „Домен Лепово Пино Ноар“ на Тиквеш на најголемиот вински натпревар во Германија
На најголемиот вински натпревар што се одржува во Германија – „Мундус Вини“ виното на винарската визба Тиквеш , „Домен Лепово Пино Ноар“ од бербата 2013-та освои златен медал. Ова вино токму деновиве се најде на винските карти на престижните ресторани и трговски објекти со големи вински секции и е прогласено за „Најдобро вино на натпреварот со потекло од Македонија“. Овој успех на виното „Домен Лепово Пино Ноар“ добива и дополнително значење за промоција на високиот квалитет на вината на Тиквеш, па и на македонските вина во светски рамки.
Тоа не е единствениот успех на вината на винарската визба Тиквеш на овој натпревар, кој е еден од најценетите во светот. Со сребро се закити и виното „Домен Лепово Шардоне“ од минатогодишната берба. Ова вино од бербата 2013-та е наградено со сребрен медал и на годинешниот натпревар „Шардоне д Монд“ што се одржува во Франција.
„Пред околу една година, со лансирање на првиот ексклузивен македонски вински бренд „Домен Лепово“ отворивме ново поглавје во домашната винска индустрија промовирајќи го концептот на висококвалитетни вина во ограничени количини произведени на истиот посед каде што се наоѓаат лозјата. Уште по првите берби, овие вина почнаа да се закитуваат со медали на најпрестижните светски натпревари, што јасно го покажува нивниот огромен потенцијал и квалитет и воедно уште еднаш ја потврдува нашата стратегија за развој која го фаворизира квалитетот наспроти квантитетот,“ изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ „Тиквеш“.
Врвните вина на винарската визба „Тиквеш“ произведени во „Домен Лепово“ се почесто се наградувани и на други натпревари како годинешниот натпревар „Гренаж д Монд“ во Франција, каде белото вино „Бела Вода“ од бербата 2014-та е единствено наградено вино кое потекнува од вински регион надвор од Франција, Италија или Шпанија.
Истовремено, на реномираните светски вински натпревари „Мундус Вини“ во Германија и „Шардоне д Монд“ во Франција, сребрен медал освоија и црвеното „Александрија Куве“ 2013-та, како и пенливото вино „Ергион“ од бербата 2012.
„ Убедени сме дека сите овие награди дополнително ќе го подигнат реномето на Македонија како винска земја и ќе придонесат за зголемување на целокупниот извоз на квалитетно македонско вино во шишиња,“ додаде Илиевски.
Винарската визба „Тиквеш“ секоја година на најпознатите светски вински натпревари освојува околу 50 награди, признанија и високи оценки од светски познати критичари со што го потврдува епитетот најнаградувана винарница во земјава, но и пошироко во регионот.