Фалсификувана стока изгоре во печката на „Фени“’
Осумнаесет илјади парчиња тренерки, патики, каиши, ташни, часовници, козметика, парфеми денеска беа уништени во печката на „Фени индустри“. Се работи за стока која или е фалсификувана, или пак на друг начин е повредена интелектуалната сопственост, а е запленета на царинските испостави во земјава.
Уништувањето на стоката го следеа претставници на светски познатите брендови.
„Од нашите бренедови имаме 13 илјади парчиња што се уништуваат. Половина година се запленувани овие производи. Имаме поднесено пријава во Царина дека ние сме нивни правни застапници за интелектуална сопственост. Кога од царина ќе задржат стока за која има сомнеж дека има повреда на интелектуалната сопственост , стапуваат во контакт со нас и ни е потврдуваме дали има, или не фалсификат. Може да биде класичен фалсификат, а има и стока каде се појавува повреда на брендот. Самиот производ може да има сосема друго име, но да се користи знакот логото на светски бренд. И тоа е исто така повреда, може не е директен фалсификат, но сепак се работи за повреда на заштитен светски бренд“ рече Елена Муфишовска, управител на непрофитната организација „Реакт“ која работи на заштита на интелектуалната сопственост на над 50 светски брендови, меѓу кои Адидас, Пума, Луи Витон..
Многу често граѓаните се прашуваат зошто се уништува гардероба која може да им биде од голема корист доколку им биде донирана на социјално загрозените семејства. На ова прашање денеска одговор даде Муфишовска, нагласувајќи дека со новиот закон за донирање на стока задржна поради повреда на интелектуална сопственост наскоро ќе може да донира Министерството за труд и социјална политика. Веќе била започната постапка за отстранување на повредата, а потоа истите ќе се донираат.