Конституиран новиот Совет на Општина Кавадарци – Стојанче Рамов повторно избран за претседател

Советот на Општина Кавадарци ја одржа својата конститутивна седница, на која беа верифицирани мандатите на 19 советници избрани на последните локални избори. Седницата ја отвори и со неа претседаваше највозрасниот советник, Јован Златевски, кој на почетокот им посака успешна работа на новоизбраните градоначалник и советници.
– Проектите што ги предлагаме треба да се оценуваат според нивната вредност и корист за граѓаните, а не според тоа кој ги предлага. Без разлика на политичката припадност, сите идеи во интерес на општината треба да бидат разгледувани објективно и со поддршка од сите, рече Златевски.
На седницата, со мнозинство гласови, за претседател на Советот повторно беше избран Стојанче Рамов, кој ја извршуваше оваа функција и во изминатите четири години. Тој се заблагодари за довербата и истакна дека ќе продолжи да работи во интерес на сите граѓани.
– Функцијата претседател на Совет ја гледам како можност да придонесам за развој, просперитет и подобар живот за сите жители на нашата општина, без разлика на политичка, верска или национална припадност. Ќе се залагам во Советот да нема наметнување на волјата на мнозинството над малцинството, нагласи Рамов.
Во новиот состав на Советот, 12 советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по двајца од СДСМ и Левица, еден од ЗНАМ и двајца независни советници – Ристо Сакалиев и Јован Златевски.
Стефани Манева


