Меѓународниот ден на бројот Пи – „Математика за секого“
Ученици од повеќе основни и средни училишта во Велес, денеска, во медијатеката на градската библиотека ги одбележаа Меѓународниот ден на бројот Пи како и на математиката. Тие преку презентација за значењето на бројот Пи, на присутните им покажаа и докажаа дека вредностите на 5 децимали на бројот познат и како лудолфов број или архимедова константа изнесува 3,14159. Претседателката на Здружението на математичари Велес, Мира Ташкова, рече дека здружението за прв пат го одбележува овој ден на ваков начин.
– За прв пат оваа година го одбележуваме Меѓународниот ден на бројот Пи кој воедно е и ден на математиката. Тука зимаат учество сите основни и средни училишта во нашата општина и нашата идеа е ова да премине во традиција. Мотото е „математика за секого“, бидејќи секој што сака може да научи математика и да реши ако не некој сложен математички проблем, барем некоја поедноставна задача. Нашето здружение постои повеќе од 30 години и главната цел на здружението е да ја промовира математиката и да се вроди љубов кај нашите ученици уште од најрана возраст за овој предмет. Ние како здружение ги имаме опфатено сите наставници од Општина Велес од основните и средните училишта како и Општина Градско и Општина Чашка, додаде Ташкова.
За време на настанот ученици од ООУ „Блаже Конески“ преку различни примери ја докажуваа вредноста на бројот Пи. Потоа ученици од ООУ „Васил Главинов“ изработуваа мозаик на бројот Пи и столбест дијаграм на истиот.
На самиот крај присутните имаа можност да уживаат во подготвените мафини и торта означени со бројот Пи и направени од страна на учениците од ССОУ „Коле Неделковски“.
Настанот беше организиран од страна на Здружение на математичари Велес во соработка со Младински центар Велес.
Стефани Манева