Мила Штериовска е првото новороденче на Велес – градоначалникот Колев ја посети, предаде подароци и штедна книшка (видео и фото)
Објавено: 1 јануари, 2026, во 17:19 часот
Ова е Мила Штериовска, првата жителка на Велес во 2026 година. Неа на свет ја донесе 31 годишната мајка Клементина, претпладнево, во 11:50 часот, со оперативен зафат – царски рез на Одделението за гинекологија и акушерство на ЈЗУ Општа болница Велес. Мила тешка е 2 кг и 700 грама, долга е 50 см и е во одлична здравствена состојба.

Мила има постара сестричка, Лена која е родена пред 4,5 години. Мила е втора ќерка на Клементина и Митко Штериовски од Велес.
Породувањето го изврши тим на лекари, специјалисти на велешка Болница, предводен од гинеколог и акушер, д-р Ѓорѓи Николов заедно д-р Зорица Ќумбева, анестезиолог и Зорица Ковачева Гашева, педијатар.
Попладнево, Мила и Клементина ги посети градоначалникот на општина Велес, Марко Колев и ги предаде подароците од родниот град за првото новороденче во 2026 година.
Освен Општина Велес, со традиционалните подароци кои се состојат од облека, играчка Мече и штедна книшка, Мила веќе доби и ќебенце, куферче, новогодишни пакетчиња како и таблет од ЗГ „Мобилност„ и столче за безбедно возење во автомобил од Агенција за безбедност на патишта.




По посетата и предавањето на подароците, на Одделението за гинекологија и акушерство, следеше традиционалната фотосесија на Градоначалникот со дежурниот здравствен тим на новогодишната ноќ.
Убавка Јаневска


