Мобилно новинарство: Пример за младите велешани – Никола Мацис најдобриот млад волонтер
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/Untitled-design-21.png)
Деветнаесет годишниот велешанец Никола Мацис годинава 207 часови од своето слободно време посвети на хумана помош на своите сограѓани. Тој беше дел од тимовите на велешки Црвен Крст коишто собираа донации, купуваа храна, подготвуваа пакети и ги делеа на граѓаните на коишто им беа најнеопходни и водеа грижа гладните да добијат леб а жедните и вода. Ова младо момче е пример во локалната заедница. За се што стори во годината што изминува, Никола отворено говоди за сопствениот мотив и поттик.
-Мотив да бидам волонтер е тоа да им помагам на луѓето на коишто им треба помош, да бидам хуман бидејќи тоа ми е најважно но и за да се дружам, за да сфатам во каква состојба се тие луѓе, дали им треба помош во иднина. Мојот мотив е за да помогнам, со сета моја сила, како можам да помогнам, додаде Мацис.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/0-02-05-08baec93baa27c498172641378fcdde6b7b719e8ef2a16ce4d5a4b65fab416ba_3757cf9af9e04efb-1024x768.jpg)
Признанието за најдобар волонтер на велешки Црвен крст што Никола Мацис го доби е повеќе од заслужено. Да се стигне и помогне на жителите од С’лп, село оддалечено само 15 километри од Велес а поврзано со непристапен земјен пат, претставува подвиг за почит. Никола се одзва на повикот за помош и помогна тогаш кога тамошните жители останаа без храна.
-Тој ден ќе ми остане во сеќавање, бидејќи беше ден во Црвен крст што вистински ни значи. На нашиот секретар му се јавиле од село С’лп, бидејќи возовите биле на штрајк и жителите немале како да си купам храна бидејќи таму нема маркети. Ние со помош на пожарникарите, земавме пакети храна и хигиенски производи и ги доставивме работите до селото, додаде Мацис.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/0-02-05-4b7fb87872acddb07bc702b581704fa236489e78b09bb192ae13d35147a19965_7b6f1b4ca2c64e81-1024x1024.jpg)
Овој хуман млад волонтер од минатата година е и редовен крводарител. Никола го исполнуваат бројните средби со лицата со попречености на кои им посветува особено внимание затоа што верува дека тие се обични луѓе и со ништо не се разликуваат од останатите граѓани во заедницата.
-Со граѓаните со попречености е интересно, им помагаме, сакаме да бидат прифатени од општеството и граѓаните. Ние постојано им помагаме преку активности, пример за велигден бојадисуваме јајца, боиме зајчиња. За нова година ја китиме елката како и училницата во којашто ги поминуваат деновите. Тие не прифаќаат со многу голема гушка, многу се среќни што нас не гледаат и многу сакаат да се дружат. Они се такви личности што сакаат многу да се дружат, да одат на прошетки, да ни помагаат и нас. Кога го уредувавме дворот тие садеа со нас цвеќиња, додаде Мацис.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/0-02-05-5ad23c14a1318cef1bf2c27ebff9aa1661b4fb3bc014c9202805ed607277ab5f_8232298d0350914a-1024x683.jpg)
Никола е дел од тимот од 30 млади волонтери на Црвен Крст Велес кои преку разни активности вршат промени во општината. Тој и дел од нив се студенти, а дел пак средношколци. Сите тие сакаат што поголем број на млади луѓе да бидат како нив.
-Сакам да им препорачам на младите да дојдат во Црвен Крст. Ќе бидат прифатени, било од која вера да се, боја на кожа, ние ги прифаќаме, ќе им помагаме преку активности исто како што и мене ми помагаа повозрасните волонтери како и вработените. Порака кон нив е да бидат добри, да бидат добри кон сите и да се трудат да го направат нашето општество подобро за живеење, додаде Мацис.
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/01/340836671_227314863215856_7031678504108547597_n.jpg)
Никола Мацис е студент на факултетот за Безбедност и здравје при работа на Славјански Универзитет во Свети Николе. И таму постигнува одлични резултати. Според него образованието, хуманоста и волонтирањето треба да ги исполнуваат младите луѓе затоа што преку нив се градат во личности коишто можат да придонесат во развојот на својот град и на својата држава.
Стефани Манева
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)