Ноќеска се запалил стан во Велес, пожарникарите интервенирале и на запалена штала во село Оризари
Пожарникарите од Територијална пожарна единица Велес, вечерва 15 минути по полноќ, добиле повик за пожар во стан на улица Христо Татарчев 6. Четворица пожарникари со две противпожарни возила веднаш се упатиле кон станот и по пристигнувањето затекнале дека гори кујната а во станот имало возрасна жена.
-Веднаш е викната Итна медицинска помош за возрасната жена во станот. Пожарникарите со брза интервенција спречиле пожарот да се прошири, поточно за 45 минути, до 01:00 часот, целосно го изгаснале пожарот и спречиле негово ширење. Во станот оштетена е кујната, исчадена е дневната соба, испукан е еден прозор, оштетен е фрижидерот и други елементи, соопшти Диме Јованов портпарол на ТТПЕ Велес.
Василка Пановска Поп Стефановска, началничка на Итна помош Велес, соопшти дека жената којашто се наоѓала во станот немала повреди само била уплашена.
Исто така, велешките пожарникари, 35 минути пред полноќ, интервенирале и на запалена штала во село Оризари.
-ТППЕ Велес излезе на лице место со две противпожарни возила и четворица пожарникари кои веднаш по пристигнувањето на местото почнале да го гаснат опожарениот објект и во 00:35 часот целосно го изгаснале пожарот., додаде Јованов.
Во шталата во Оризари оштетени биле 500 бали слама како и дел од земјоделската механизација.
Стефани Манева