Нови лозови насади на „М6 Аграр“ кај велешка „Бабуна“ и наскоро изградба на мала винарија
Во време на ковид пандемија,од минатата година до денеска, компанијата „М6 Аграр“ инвестирајки 2,5 милиони евра, подигнува нови плантажи со лозници во велешко. Плантажите се протегаат од долниот тек на река „Бабуна“ и вливот во „Вардар“ над автопатот „Пријателство“ и завршуваат во близина на локалниот пат кон село Црквино. Таму првите лозници се засадени во 2014 година. Лани на нови 30 хектари се одгледуваат сортите „Кратошија“ „Кабрне сувињон“, „Сира“, „Жилавка“, „Малвазија“,на помали површини од чие додавање во веќе високо реномирани брендови ќе се добива подобар шмек на сортните вина. Ќе садат уште 40 хектари, заклучно со февруари 2022 година, со нови сорти „Црн гренаж“ карактеристичен за француското јужно виногорје и „Плавец“ познат од Далматинското виногорје. Вкупно во велешко „ М6 Аграр“ ќе одгледува уште 120 хектари под винови лозници.
Според претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6, Светозар Јаневски, ова е инвестиција за која дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.
-Благодарение на јасната визија за создавање врвни вина и развој на македонската винска индустрија успеавме и во овие услови на пандемија да продолжиме со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси кои ќе овозможат понатамошно унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто. Задоволни сме и благодарни за поддршката што ја обезбедуваат Владата, ресорното министерство и ЕУ фондовите за овој сектор, а во тие рамки и за „Тиквеш“ како двигател на развојот на македонската винска индустрија, но сепак треба да се утврди дека оваа гранка е стратешки важна за државата со тоа што ќе се воведат јасни стандарди, систем на географски индикации и помени во системот на субвенции“, додаде Јаневски.
За новите лозови насади на локацијата „Бабуна“ и за модернизација на механизацијата досега се инвестирани над 5 милиони евра. Вгодина ќе се вложат дополнителни 3,3 милиони евра за нови лозови насади на површина од нови 180 хектари.
-Навистина е многу убаво чувството кога сме сведоци на нечиј развој. Јас сум истовремено и горд, бидејќи ова е заеднички успех како потврда на добрата политика на Владата и добрата соработка помеѓу институциите и приватниот сектор. Преку многу вакви примери, ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД во однос на степенот на искористеност на ИПАРД II. Како резултат на добрата искористеност на средствата од Програмата, за прв пат во историјата, две години по ред 2019 и 2020, а сега и во 2021 година, РС Македонија нема да враќа неискористени средства од Програмата“, рече Аријанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во подигнување на нови лозови насади, досега компанијата вложи над 3,5 милиони евра сопствени средства, додека речиси 1,5 милиони евра се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
-Kако имплементатор на ИПАРД програмата, Агенцијата даде огромен придонес и поттик за почеток на оваа инвестиција. Со склучувањето на договорите од ИПАРД фондот, вредни 622 илјади евра, овозможивме финансиска поддршка за техничка подготовка на земјата за новите насади, набавка на столбови и земјоделска механизација за обработка на насадите. Со оваа инвестиција компанијата не само што се модернизира, туку ги намалува и производните трошоци, како и времето за обработка и одржување на насадите, рече Никица Бачовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, истакна дека Винарската визба „Тиквеш“ е најголем промотор на македонските вина во светот. Врвните вина, се продаваат на над 25 пазари ширум светот и имаат освоено 130 високи награди.
-Оваа инвестиција ги потврдува неисцрпните можности на македонското сонце и земја за развој на земјоделството, особено за развој и експанзија на нашето грозје, како и за производство на квалитетни вина. Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Многу е важно што оваа инвестиција ќе придонесе за понатамошно градење на имиџот на земјата како производител на високо квалитетни вина и за етаблирање на македонската винска индустрија, рече Премиерот Заев.
На локацијата „Бабуна“ ќе се гради и мини винарија што ќе произведува нови висококвалитетни вина од сортите „Темјаника“, „Едит вердо“ „Малбек малак“, во мали количини кои дополнително ќе го збогатат вкусот на винара.
Убавка Јаневска