Полицијата приведе рибокрадци и расветлува случаи на напад над дете како и тепачка помеѓу вонбрачни другари

Полициски службеници од Полициската канцеларија Демир Капија, вчера, ги лишиле од слобода В.К.(52), Ж.Б.(65) и К.Н.(68) од Демир Капија откако биле затекнати при риболов во реката Вардар кај месноста викана „Тунелите“ кај Демир Капија. Рибокрадците ловеле риба во време на забрана за риболов во водите на реката. Од нив биле пронајдени и одземени 127 парчиња уловена риба. Рибокрадците се приведени во Полициската станица во Неготино и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Вчера во Полициската станица Велес, С.Ц.(43) од село Горно Оризари, велешко, пријавила дека на ден претходно, на 25 април, околу 22.30 часот на патот за село Оризари нејзиниот малолетен син, по кратка вербална расправија, бил физички нападнат од С.К. од Оризари.
– Се работи на расчистување на случајот, информираат од СВР Велес.
Исто така, во текот на вчерашниот ден, полициски службеници од Полициската станица Велес го лишиле од слобода К.М.(35) од Велес затоа што на 25 април ,околу 21:30 часот пред зградата во која што живее, по кратка вербална расправија, физички ја нападнал неговата 25-годишна вонбрачна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвена соодветна пријава, пишува во билтенот на СВР Велес.
Убавка Јаневска
