Пратеникот Крмов и советникот Абрашев од Левица на протест пред ООУ„Тодор Јанев“ во Чашка
Борислав Крмов и Димитар Абрашев, денеска биле дел од протестите на родителите во општина Чашка коишто цело прво полугодие од учебната 2023/24 година ја бојкотираат наставата со не пуштање на децата и протестираат против како што велат „самоволието на ДУИ, одлуката на министерот за образование Јетон Шаќири за отворање на паралелка на албански наставен јазик и директорката Елена Николова“.
„Пратеникот, заедно со родителите, три часа протестираше пред училиштето „Тодор Јанев”, каде директорката Николова незаконски се обидува да воведе албанска паралелка. Левица неколку пати алармираше дека не се исполнети законските услови за воведување на албанска паралелка и дека ваквото безаконие на најнеспособниот министер за образование нема да помине!
„Наместо министерот Шаќири да обезбеди учебници за учениците и неговото министерство да инвестира во реконструкција на руинираните училишта, каде во мизерни услови учат и Македонците и Албанците, овој функционер на ДУИ, единствено што работи е да шири меѓуетнички тензии додека грубо ги прекршува законите,“ пишува во соопштението за јавност на Левица.
Пратеникот Крмов на протестот јавно ја истакнал поддршката која ја имаат родителите против, како што велат од Левица, дивеењето на ДУИ.
„Директорката Елена Николова беше придружувана од кордон полиција и иако истата се обидуваше со навреди кон присутните да влезе во училиштето сепак групата родители цели три часа не дозволи Николова да влезе во објектот. Николова за ваквото одработување за ДУИ доби и соодветна награда, па нејзината ќерка се вработи во Просветен инспекторат“, пренесуваат од Левица.
Оттаму додаваат дека партијата ќе продолжи„ со сиот свој капацитет да се бори против насилието на на ДУИ,“ карактеризирајќи ја како партија чие постоење на политичката сцена во државата е и ќе било фактор на ширење меѓуетнички тензии и нестабилност во државата.
Убавка Јаневска
Фото: Левица