Приведен осомничен за убиството на велешанецот Ѓело Ѓошев, вториот се бара
Објавено: 7 ноември, 2025, во 09:48 часот
Министерството за внатрешни работи соопшти дека го лишило од слобода лицето коешто било дел од извршувањето на убиството во близина на Чашка и до Основното јавно обвинителство Велес поднело кривична пријава за кривично дело „убиство“ по член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Станува збор за 43-годишниот Д.Ц., против кого е поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека бил соизвршител во убиството на велешанецот Ѓ.Ѓ, извршено на 5 ноември, на местото викано Поројница, во близина на земјениот пат што води од Чашка кон селото Бусилци.
-Осомничениот Д.Ц., заедно со уште едно лице, го убиле Ѓ.Ѓ. од Велес. Прво Д.Ц. го намамил Ѓ.Ѓ. и со својот автомобил го однел на локацијата. Потоа, заедно со другото лице, пукале во него со огнено оружје, нанесувајќи му прострелна рана во черепот, од која жртвата починала. Осомничениот Д.Ц. претходно бил сторител на кривично дело „разбојништво“, а според дел од доказите кои веќе се обезбедени, по убиството во Чашка се обидел да ги прикрие трагите и со тоа да влијае на постапката, соопшти Билјана Ѓаковска портпаролка на СВР Велес.
МВР во координација со јавен обвинител презема мерки и активности за пронаоѓање и на другиот извршител на кривичното дело.
Убавка Јаневска


