Промовиран меморандумот за соработка помеѓу Здружение на дијабетичари „Лолипоп“ Велес и ЈЗУ Општа болница Велес
Меморандум којшто предвидува соработка во однос на едукација за подигнување на нивото на здравствена култура и постојано обновување на регистарот на лица со дијабет, потпишан од страна на Здружение на дијабетичари „Лолипоп“ Велес и ЈЗУ Општа болница Велес, вчеравечер, беше промовиран во кафе бар „Сангриа“. Претседателот на здружението на дијабетичари, Александар Ѓоргиевски, рече дека со обновувањето на регистарот на заболени може да се прави едукација за зголемување на свеста за превентивна дијагностика бидејќи многу луѓе не знаат дека имаат дијабет.
-Меморандумот го потпишуваме секоја година, тоа ни е еден вид традиција. Многу е подобро почесто да се прават превентивни дијагностики и анализи преку кои би можело современо да се работи. Преку едукацијата, исто така, сакаме да ги запознаеме и луѓето од руралните средини односно Лозово, Чашка и Градско. Можам да кажам дека имаме прекрасна соработка со велешката болница, додаде Ѓоргиевски.
За присутните беше одржана и работлница на тема „Исхрана (броење на јаглехидрати) кај лицата со дијабет“ којашто ја одржа Татјана Ѓорговски, дипломирана медицинска сестра при Клиника за ендокринологија – Скопје.
-Оваа едукација е битна за лицата со дијабетес. Преку неа тие ќе научат како да се хранат, потоа за физичката активност и трето за оралните антидијабетиси и инсулинската терапија. Затоа треба пациентите да се едуцирани, да можат сами да се сноѓаат со проблеми коишто може да им се појават со тоашто ќе го добијат знаењето од стручно медицинско лице. Денешната работилница е за броење на јаглехидрати, обично и напредно, бидејќи пресметувањето на јаглехидратите кај лицата со тип 1 и тип 2 дијабет малку се разликува. Затоа треба да се посвети особено внимание на тип 1 дијабетес но и на тип 2 кај повозрасната популација којашто има потреба од едукација, додаде Ѓорговски.
Инаку, од последната направена статистика во Велес има 7.000 дијабетичари од кои 1.400 се на инсулин и 17 деца под 14 годишна возраст се со инсулинска терапија.
Стефани Манева