„Ронтис“ организира јавен настан за подигнување на свеста и грижата за личното здравје (фото и видео)

Фрапантни резултати покажа интерната анкета, спроведена помеѓу 200 вработени во компанијата „Ронтис“ за грижа за личното здравје преку јавно достапните прегледи што државата бесплатно ги нуди на сите граѓани. Високи 75% од вработените жени во компанијата, никогаш не направиле мамографски преглед, 60 % досега не биле на ехо на дојка, само пет вработени никогаш не биле на гинеколог но од останатите кои вршеле гинеколошки прегледи висок е процентот на жени што никогаш не направиле „Пап тест“. Согласно полот и возраста, на регуларни здравствена прегледи од вработените во компанијата одат само 10 отсто од вработените.
Затоа што не е возможно вакви резултати да даде само интерна анкета во споредба со пошироката јавност, како општествено одговорна фирма „Ронтис“, организира јавен настан за подигнување на свесноста и совесноста за личното здравје на своите сограѓани, рече менаџерката Бојана Димовска.
Јавниот настан ќе се одржи на 3 февруари 2023 година, на Светскиот ден за борба против рак, со цел да се подигне свеста за ракот и да се поттикне неговата превенција, откривање и лекување. Отворениот едукативен настан на тема „Превенција и рано откривање на рак“,кој има за цел и да ги мотивира граѓаните да се изборат со табуата ќе се одржи во театарот „Јордан Х.К.Џинот“ во Велес, со почеток во 18:00 часот.
Соговорници на вработените во „Ронтис“ како и на велешани кои ќе одлучат да присуствуват, ќе бидат две лекарки по Општа медицина, др Милка Панова и др Елена Јаневска, третата е специјалистот кардиолог др Весна Николовска Неделкова како и еден лекар др Аристотел Тренчев специјалист гинеколог.
Менаџерите на „Ронтис“ порачаа дека сакаат да дадат придонес во превентивниот дел на подигнување на квалитетот на јавното здравје па затоа одлучиле да бидат организатори на јавен настан од општински карактер. Тие упатија покана до сите граѓани на Велес кои сакаат да слушнат за превентивата и прегледите кои придонесуваат за рано откривање и заштита од разни болести. Тоа што јавниот настан го организираат на 3 февруари кога се одбележува Светскиот ден на борба против канцер е симболика поради големиот замав што го зема болеста во светот.
Убавка Јаневска
