Штрајк на работниците на „Колска“, два часа блокиран железничкиот сообраќај на станицата во Велес (ФОТО)
Застанаа пред двата патнички возови ,за Гевгелија и за Битола, на Железничка станица Велес и не дозволија да сообраќаат до крајната цел. Вака утрово осумдесет и седум работници на фабриката за шински возила „Велес“ го изразија сопствениот револт кон владата, министерството за транспорт и врски и Управата за јавни приходи. Ниту една од трите институции не покажала, во изминатите два дена, интерес за тоа што работниците немаат земено плата и се без здравствено осигурување. УЈП не им ја одблокирала жиро сметката на која треба да легнат парите од фирмата „Оилко“ за поправените цистерни. Тоа е услов по три месеци да земат плата.
-Доколку денеска или утре нема одлука за нашите барања ние ќе одиме на протест пред Влада. До сега ни некој не побара ниту стигна покана за разговор.Тоа ни зборува дека никој повеќе нема интерес за нас. А ние немаме земено три плати. Стар долг кон УЈП е причина за блокираната жиро сметката. Бараме плата за септември со придонеси и разумен рок од УЈП за плаќање на стари обврски а не по 1.700.000 денари секој месец, рече Тони Арсовски претседател на синдикалната организација на ССМ.
Грижа и апатија, во исто време, покажуваа лицата на работниците додека утрово се симнуваа на железничките линии и застануваа пред возовите. Најголем дел од нив се на средна возраст а дел и пред пензија. Скоро сите се долгогодишни занаетчии со квалификации без кои фабриката не може да работи. Но, сите беа едногласни дека имаат обезбедено работа и независно дали се здрави или болни, во кочан ладните погони ќе се вратат и ќе работат на поправките на цистерните на „Оилко“ и товарните коли на Македонски железници. Само да ја добијат платата за месец септември.
-Не можеме да преживееме. Немаме пари за храна и за лекови. Да не зборуваме за плаќање на комуналии. Здравственото осигурување постојано доцни и не можеме на лекар да отидеме а имаме здравствени проблеми, рече работник.
-Просечната возраст ни е шеесет години. Кога ние релативно помладите не можеме да издржиме замислете како им е на колегите пред пензија. Веќе ни е преку глава. Десетина години сме во ваква состојба. Еднаш за секогаш нека се реши или да не спојат со Македонски железници или клуч на капија, рече работник.
-Неможе три месеци денар да не земеме. Срамно е, како да живееме, што да правиме без пари. Ние си знаеме како издржавме во изминатиов период без пари, рече работник.
-Две деца имам на факултет и невработена жена. Сите сме без здравствено осигурување и нема пари за храна. Кавги, нервози и стресови. Ова ли е живот, рече работник.
-Ни за живот дома ниту услови за работа, без работни алишта и ХТЗ опрема, без огрев во погоните во зима. И ќе го сработиме тоа што го имаме во халите. Чекаат цистерни на „Оилко“ и товарни коли на МЖ. Ќе работиме само нека ни дадат плата, рече работник.
Од синдикалната организација на ССМ во фабриката додадоа дека се обезбедува минимум капацитет за работа и тоа им е единствената надеж за тоа дека нивната фабрика може да опстане а тие да земаат плата. Особено сега кога цената по која ги вршат поправките е корегирана и реална во споредба со претходниот период.
-Наметнато решение на УЈП е главниот проблем. Тоа се провлекува со години и како незаконско работење било толерирано со години и никој кривично не одговаралзатоа што е кривично дело. Сега излегува дека ние страдаме поради тоа. Прифатливо е да имаме обврски за тоа што сега работиме но не и за временскиот период за кои одговорноста никој не ја санкционирал, додаде Никола Ристовски од фабричката синдикална организација.
Иако се сомневаат дека целта на државата е да ги намалат на само 30, работниците го делат мислењето на синдикатот, дека фирма не треба да има долгови. Но прво бараат плата и доволно обезбедена месечна работа. А тоа сега зависи прво од вољата на УЈП а потоа и од државата.
Убавка Јаневска