Силен ветер повторно го разгоре пожарот на Мукос, пиромани потпалија шума на врв Лисец, на масивот Мокра (видео и фото)
Од нови пет места чад се издигна кон небото над планината Мукос, над село Ораов Дол, претпладнево во 10:30 часот, за којшто Центар за управување со кризи го лоцира како повторно разгорување на сртот на врв Кадиица, од страна на Општина Чашка. Чадењето видливо е со голо око од село Папрадиште. Од дворот на тамошниот планинарски дом се снимени видео материјалите што ги доби Дума.мк.
Според Горан Стојановски од Кризниот штаб на Центар за управување со кризи состојбата на територијата која што чади предизвикана е од повторно разгорување на земјата околу мешаната борова и букова шума којашто на еден дел е ниска додека на втор дел е високо израсната. Стојановски информираше дека на лице место се екипи составени од шумарски работници на ШС „Бабуна“ како и дека дел од задимувањата се наоѓале на непристапен терен.
-ЦУК ја следи состојбата, засега интервенцијата е со гаснење од земја. Чадат нискостеблестите растенија коишто се во внатрешноста на шумата и повторно се разгоруваат но не се опасни по стеблата на шумскиот фонд, додаде Стојановски.
Тој информираше дека од утрово по сериозна состојбата е на врв Лисец, на планинскиот масив Мокра, над село Долно Јаболчиште, каде по вчерашно откривање на кражба на исечени дрвја потпалена е мешана високостеблеста шума.
-Таму гасне месно население а упатена е и екипа на пожарникари со противпожарно возило на ТППЕ Велес. Побаравме и Општина Чашка формираше тим за гаснење на овој пожар којшто веќе се наоѓа на критичниот дел. Континуирано ја следиме состојбата, додаде Стојановски.
Според екологистите на „Грин Пауер“ кои се наоѓаат во планинарски дом во село Папрадиште чадот како и бројот на местата од којшто излегува постојано се зголемувале по појава на силен ветер на планината Мукос.
Убавка Јаневска