Скромна пред осмомартовска продажба на цвеќе на плочникот пред велешки Суд, локацијата годинава несреќно одбрана
Пред утрешното одбележување на меѓународниот ден на жената мал е бројот на продавачи на цвеќе на плочникот пред Основен суд Велес. Нив можете да ги изброите на прсти. Сепак понудата е разноврсна и создава убава глетка и покрај раскопаниот тротоар на централната градска улица „8 Септември“ како и големиот број на паркирани возила на коловозот на улицата.
Дождот и калта до искршените скали на плочникот се уште една препрека за заинтересираните граѓани за купување осмомартовско цвеќе во саксија. По возрасните не се обидуваат да пристапат до продавачите.
-Гледам од оваа, спротивна страна на тротоарот. Мислам дека има убави и разновидни цвеќиња во саксија. Сепак годините не ми дозволуваат да отидам до таму. Ако излезам утре ќе завртам од страната на паркингот за да видам поубаво, рече возрасна велешанка.
– Купуваат младите. Има убав избор. Утре е празникот на жената и секоја жена сака да добие цвеќе. Барем еден цвет. Многу кал изгазив за да дојдам до изложените цвеќиња во саксии. Избрав подарок за мојата мајка. Ќе го однесам утре за да и го честитам 8 Март. Се надевам дека и јас ќе добијам од ќерката и од снаата, рече велешанка.
Цвеќе се продава и на локација пред кафетерија „Страда“. Неа ја избрал еден продавач кој исто така нуди убави видови на цвеќиња.
По прошетката низ централната улица во градот може да се забележи дека цвеќарите се исто така полни со цвеќиња. Освен во саксија во нив се нудат и цветови на парче. Сите очекуваат да ги продадат набавените количини заклучно со утрешната вечер.
Убавка Јаневска