Славење на Велигден во духовните храмови со почитување на здравствен протокол
Годинава на вечерта на Воскресение Христово, Велика сабота – Велигден, на 1 мај, велешките духовни храмови ги отвораат вратите за верниците но со примена на здравствен протокол. Протоколот ги содржи задолжителните здравствени мерки напишани во соопштенија што се поставени на влезовите на соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“, како и во црквите „Свети Спас“ и „Свети Кирил и Методиј“ . Станува збор за примена на здравствени мерки за задолжително носење на заштитна маска, дезинфекција со сретства што се поставени на влезовите на црквите како и Упатство за одржување на пропишано растојание согласно здравствените протоколи.
По минатогодишнот карантин, кога духовните храмови во Велес останаа без верници, додека богослужбата ја изведуваа свештениците на МПЦ Охридска Архиепископија годинава, продолжува традицијата на славење на вечерта на Воскресението Христово со присуство на верниците, рече протоереј Ристе Јанушев.
-Централната прослава на Воскресенската литургија ќе се одгржи во Соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ со која ќе чиноначалствува Неговото Високо преосвештенство Митрополитот Повардарски Господин Агатангел. Таа ќе започне во 23 часот во сабота, на 1 мај. Вработени, помошници и верници волонтери ќе се грижат за почитување на здравствениот протокол и упатството за примена на сите пропишани мерки. Се надеваме дека верниците ќе ги почитуваат, додаде секретарот на Повардарска Епархија Протоереј Јанушев.
Освен во Соборниот храм „Свети Великомаченик Пантелејмон“ Воскресенска литургија ќе се одржи и во духовните храмови на Македонската православна црква Охридска Архиепископија во Велес поточно во „Свети Спас“ и во „Свети Кирил и Методиј“.
Славењето на верскиот празник Велигден започнува од денес, Велики четврток и ќе трае до среда, 5 мај, трет ден Велигден.
Убавка Јаневска