Сто образовни асистенти потпишаа или потпишуваат договори во ОУРЦ„Маца Овчарова“ во Велес, дел се вклучија и во наставата
Во Општинското училиште Ресурсен Центар “Маца Овчарова“ Велес , денешниот е ден за изведување на редовна настава за учениците со попреченост и за потпишување на 100 договори со исто толку избрани образовни асистенти коишто во учебната 2024/25 година ќе им бидат на располагање и ќе пружаат помош на оваа категорија на ученици. Станува збор за образовни асистенти во основните училишта во вкупно 12 општини поточно во Лозово, во Велес, во Чашка, во Градско, во Росоман, во Кавадарци, во Неготино, во Демир Капија, во Свети Николе, во Карбинци, во Штип и во Пробиштип.
-Станува збор за наставен кадар со завршено високо образование за работа во основно училиште за којшто, како училиште коешто е и Ресурсен центар, обезбедивме двонеделна обука. Дел од нив кои веќе ги потпишаа договорите од попладнево се вклучуваат во наставата додека дел што доаѓаат и потпишуваат договори ќе бидат на располагање на учениците започнувајќи од утре, 11 септември. Нивната работа ја следат дефектолози со најмалку седум годишно работно искуство кои ја имаат улогата на ментори значи го вршат мониторингот и обезбедуваат дополнителна помош преку потребни обуки, рече директорката Мирјана Петрушевска.
Образовните асистенти кои денеска потпишуваат договори избрани се на првиот додека ова државно училиште очекува избор на уште 10 образовни асистенти од вториот конкурс, на Министерството за образование, којшто заврши минатата недела.
Од вкупниот број 24 образовни асистенти се распоредени во основни училишта во Велес, двајца во Чашка и еден во Градско.
Ова државно основно училиште со Ресурсен центар се трансформираше во 2020 година кога освен образование на ученици со попреченост исто така ги обучува како образовните асистенти така и издава дефектолошки и логопедски услуги за 30 деца, ученици, во трите општини Велес, Чашка и Градско.
Убавка Јаневска