Субвенции за фирми кои ќе отворат нови работни места преку зелени инвестиции
Микро, мали и средни претпријатија од приватниот сектор кои имаат идеи или проекти за зелени инвестиции преку кои ќе се отворат нови работни места можат да аплицираат во Центар за вработување Велес за искористување на грант. Станува збор за финансиски средства за воведување на зелени производи, услуги, технологии или процеси преку користење на неповратни финансиски средства. Фирмите можат да вработат максимум три нови работници и за секој од нив да искористат парична поддршка во висина од по 220 илјади денари. Тоа се неповратни средства со кои микро, малите и средните претпријатија ќе финансираат нови деловни инвестиции коишто спаѓаат во категоријата зелена економија.
Од Центар за вработување во Велес, информираат дека финансиската поддршка што ќе ја добијат овие фирми можат да ја насочат кон набавка на нова опрема како што се: машини, алати, опрема за обновливи извори на енергија, специјализиран софтвер, лиценци за користење на софтверот и слично, како и опрема и материјали за енергетка ефикасност.
Микро, малите и средни претпријатија од приватниот сектор имаат предност доколку поттикнат сопствен развој преку создавање на нови работни места во преработувачка индустрија, во земјоделство, шумарство и водостопанство, во снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и санација на околина како и во градежништво.
Оваа мерка од оперативниот план на Агенција за вработување спаѓа во пакетот гаранција за млади. Би било добро кога со нејзино искористување би се вработиле млади луѓе од 18 до 29 годишна возраст.
Се што заинтересираните фирми треба да сторат е во центарот за вработување, работодавачот да потполни формулар за апликација. За подетални информации заинтересираните можат да се информират во Центар за вработување Велес.
Мерката започнува денеска и аплицирањето за неа ќе трае до 26 јуни, годинава.
Стефани Манева