Свечено отворени првите спортски игри – Атлантис инвест груп

Објавено на 3 јуни, 2022 во 11:54
Фото: Отворање на првите спортски игри

На платото пред спортските игралишта во градскиот парк, вчера, свечено беа отворени првите спортски игри – Атлантис инвест груп. Игрите ќе траат четири дена и натпревари ќе има во четири спорта и тоа баскет, мал фудбал, одбојка на песок и тенис. Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев ги поздрави присутните и ги прогласи игрите за отворени.

Фото: Градоначалник на Општина Велес Марко Колев

-Сакам да ги поттикнам сите млади велешани коишто имаат идеја да дојдат во просториите на Општина Велес, да ме побараат, да се видат со службите со цел спортот, културата и сите други убави работи коишто не обединуваат да ги вратиме на терените, просториите секаде во Велес. Игрите ги отворам, најдобрите да победат, да спортуваме, да се дружиме и смееме, додаде Колев.

Организаторот Бубе Црвенпанов од „Евентив“ посебно се заблагодари до Виктор Гунов, Филип Алчев и Гордан Јорданов коишто ги организираат годинешните спортски игри.

Фото: организатор од „Евентив“ Бубе Црвенпанов

-Оваа идеја ја имавме неколку години меѓутоа годинава седнавме, ја ставивме на хартија и ја промовиравме пред Општина Велес и на наша огромна радост наидовме на безрезевна поддршка. Велес е град со богата спортска традиција, Велес е град кој во изминатите години изумира спортски и ова го правиме многу луѓе, многу голема организација. Се надевам дека убаво ќе си поминуваме во наредните четири дена. Оваа година имаме четири спорта и се надеваме дека овој настан ќе биде традиционален и ќе се зголемуваат деновите, додаде Црвенпанов.

Фото: спортист Панче Ќумбев

Пред присутните се обрати и Панче Ќумбев еден од најдобрите спортисти на Велес.

-Јас припаѓам на една средна генерација и морам да признаам дека некои 10 години бевме во мрак со спортот во Велес. Многу ми е мило што Велес се враќа на мапата на спортот. Мило ми е што се враќа она што Велес од секогаш го имал. Градот на Пепи Манасков, оние што не знаете, Кире Лазаров е роден во Велес, градот на покојниот Зоран Паунов и така натаму. Се надевам овие игри ќе растат во голема традиција бидејќи Велес ова го заслужува, додаде Ќумбев.

Фото: спортски игри

Генералниот покровител Дејан Мирсинов од Атлантис инвест груп посебно се заблагодари до Општина Велес, Јавното комунално претпријатие „Дервен“, ЈП Парк, спорт и паркинзи.

Фото: Генерален покровител Дејан Мирсинов

-Децата од Евентиве коишто го организираат овој настан се со големо срце. Несебично се вложија во проектот и се надевам дека понатаму ќе ги вклучиме сите спортски терени, како што се фудбалското игралиште, спортската сала, базентот и следната година да направиме уште поголеми спортски игри. Се додека има луѓе коишто не себично би се вложиле, јас ќе ги поддржам игрите и понатаму. До овде бевме ние битни, сега се битни спортистите, гледачите, посетителите овие четири дена. Опуштете се и уживајте, додаде Мирсинов.

Фото: спортски игри

Учество ќе земат неколку стотини спортисти и за победниците на игрите предвидени се богати награди.

Лазар Лазаревски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.