Светот го одбележува 1 Октомври – Ден на старите лица, во Велес тие сакаат да бидат слушнати и разбрани (видео и фото)
Повеќе зелени површини пред зградите и во нив по некоја поставена клупа, почести места на тротоарите со удобни простори за седнување и за починка, по некој реквизит за колективна игра како на пример шах или кугли на отворено, до спортските терени или катчињата за забава на деца, организирано доаѓање на здравствени работници со цел да измерат шеќер во крв, притисок или да споделат совети за индивидуалното лекување на хронични болести. Овие неколку предлози денеска, на 1 Октомври, Светски ден на старите лица можеа да се слушнат од нив, возрасните велешани во централното градско подрачје.
Тоа беа дел од приоритетите на тие што говореа зад камерата на Дума.мк додека во камера соопштија дека потребна е поголема грижа на државата за најранливите меѓу нив, категоријата со најниски пензии, поголем број на контролни здравствени прегледи и термини за редовни како и поевтини лекови.
Многу често оваа категорија на граѓани се спомнува кога граѓанските организации или политичарите говорат за неа и го спомнуваат терминот активно стареење. Но тие, старите лица, велат дека до сега не почувствувале ниту еден бенефит од тоа затоа што квалитетно стареење не значи препуштање на лице само на себе, достоинствен живот не се обезбедува со 13.000 или 15.000 денари пензија, спречување на процеси кои го забрзуваат стареењето со едноличен ден во кои само се излегува од домот до првата клупа. Возрасните велешани додадоа дека потребни им се создадени можности за подолго живеење на база на активен физички и психички живот, подобрување на јавните, социјалните и здравствените услуги.
Исто така, за себе рекоа дека сакаат да бидат слушнати и разбрани, како од семејствата во кои се нечии мајки и татковци, баби и дедовци, така и од заедницата и од државата. Затоа што тие се луѓе кои во себе имаат акумулирано искуството, знаење и мудрост коишто низ својот животен и работен век оставиле голем број на небришливи траги и вредности во Велес, дале значаен придонес во градењето и прогресот на заедницата, во општеството и на човештвото.
Убавка Јаневска