Татко од село Извор ги терал двете деца да питачат и со парите се коцкал во казина
Таткото на двете деца повеќе од три години ги наведувал да питачат додека тој од нив ги земал парите и ги трошел во казина. Децата за да питачат најчесто биле носени во Скопје и во Велес. На тој начин таткото ги искористувал и ја запоставил должноста за грижа и за воспитување на децата.
„Постои основано сомнение дека во временскиот период од 2021 до 03.04.2024 година, осомничениот татко со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување ги запуштил сопствените две деца и од користољубие ги навел на питање. Тој ги носел децата на различни локации во Скопје и Велес, ги терал да бараат пари, а потоа паричните средства им ги земал и ги трошел во казино,“пишува во соопштението на ОЈО Велес.
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од село Извор во Општина Чашка за две кривични дела – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Исто така, Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност да се даде во бегство, да го повторува кривичното дело или да влијае врз оштетените деца.
Убавка Јаневска