Тече вториот ден за запишување на учениците во велешките средни училишта
Првото пријавување на учениците започна вчера, на 20 јуни, и продолжува денеска, 21 јуни до 15:00 часот. Сите ученици коишто ќе бидат примени ќе бидат објавени на ранг листата којашто ќе биде објавена на 22 јуни, годинава, најдоцна до 09:00 часот, на https://euslugi.mon.gov.mk или веб страната на министерството за образование.
-Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 22 јуни од 12.00 до 19.00 часот и на 23 јуни од 07.00 часот до 19.00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето. Конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 24 јуни 2023 година, најдоцна до 12.00 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk. Квалификациско тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 26 јуни 2023 година, а конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 26 јуни 2023 година, на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk, соопштија од Министерство за образование.
Во Велес, во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ во прва година ќе се запишат вкупно 204 ученици во 6 паралелки, во ССОУ „Коле Неделковски“ познато како УЗУС, ќе се запишат 304 ученици во 10 паралелки, во хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ 195 ученици во 6 паралелки и во економското училиште „Јовче Тесличков“ 127 ученици во 4 паралелки.
Вториот уписен рок за пријавување на основците во средните училишта е на 27 и 28 јуни, додека, учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, ќе може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок и за нив пријавувањето ќе се врши на 21 август до 24.00 часот.
Пријавувањето учениците го вршат електронски преку порталот за услуги на Министерство за образование и наука, https://e-uslugi.mon.gov.mk, со специјална најава за средношколци преку сопствени кориснички сметки на Schools.mk.
Стефани Манева