Успешна крводарителска акција во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – 11 ученици за прв пат даруваа крв

Во успешна крводарителска акција, денеска, во ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес, беа дарувани вкупно 20 крвни единици. Од нив, 11 лица го направија својот прв хуман чекор и станаа дел од најхуманото семејство во државата.
-Вчера имавме мотивациска работилница за крводарители во ова училиште, каде што учениците од завршните години имаа можност да се запознаат со процесот на дарување крв, критериумите што треба да се исполнат и придобивките од овој хуман чин. Целта беше да ги мотивираме младите да станат редовни крводарители и да ја продолжат традицијата на хуманост што ја негува училиштето, изјави Александра Илиевска од Црвен крст Велес.

Акцијата беше реализирана со поддршка на волонтери на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес и екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.
Стефани Манева


