Велигденски јајца на аукција за празничен ручек на сиромашните!
За прв пат годинава манифестацијата Велигденско јајце е со меѓународен карактер, дојдоа гости од збратимените градови Ужице и Сомбор-Србија, Свиштов-Бугарија , Слобозија-Романија и од Пустец –Албанија.
Стотици велигденски јајца бојадисани и украсени од рацете на учениците од велешките училишта, но и од гостите од странство беа изложени на штандовите во младинскиот парк на манифестацијата Велигденско јајце. Гостите од странство, но и од останатите општини од земјава беа воодушевени од идејата за ваква манифестација, па велат се презадоволни што биле поканети да учествуваат.
„Нашата општина за прв пат доаѓа во Велес и ние сме многу благодарни што не поканивте. Се преставивме со традиционални јадења, погача која е наша преспанска направена по старски начин на бабите и украсена со леблебија. И Ние јајца сами бојадисуваме најчесто во црвено но и во друга боја и ги ставаме во мали погачи и ги разменуваме со пријателите. Изработуваме и торбички и свеќите ги ставаме во нив и така во црква ги палиме“, рече Елонора Стојан, Општина Пустец.
„Секогаш ги поддржувам хуманитарните акции, но фрапирани сме од убавината на она што го видовме тука и од тоа што сте го направиле за да го одбележите празникот. Ова може да прерасне во едно убаво меѓугенерациско дружење па и ние постарите да научиме нешто од помладите но и тие од нас за се што сме го зачувале од традицијата“, рече Здравковска Милевка, Општина Пробиштип.
На манифестацијата освен училиштата учествуваа и најмладите од детската градинка кои со помош на родителите ги изработија своите експонати.
„Детската градинка со задоволство учествува и овој изложбен дел е резулта на работилниците кои ги одржавме во 6 објекти со помош на родителите за децата да учествуваат на манифестацијата. Јајцата се бојадисани со традиционални материјали а украсени со текстил и хартија на детски начин“, Анида Цецева, детска градинка Димче Мирчев.
Инаку јајцата се продаваа по симболични цени, а парите кои ќе се соберат ќе се донираат во народната кујна, за велигденски ручек на гладните велешани./Б.Н.