Нема решение за стечајците од Порцеланка!
На денешната средба со директорот на агенцијата за вработување се договорија дека комисија формирана од повеќе институции ќе одлучува дали ќе земаат месечен надомест.
Продолжува неизвсноста за седумдесеттина поранешни вработени во велешка порцеланка. Цел месец комисија од министерството за економија, социјала, од централниот регистар и депозитар како и од Секретаријатот на Владата ќе ги разгледува документите по кои треба да одлучат дали на овие луѓе им следува паричен месечен надомест по законот за стечајци.
„Пресудата која ја имаат од управниот суд, а со која се прецизира дека фирмата била државна кога отишла во стечај не е единствениот документ кој треба да се разгледува. Ние овој пат сме позаинтересирани да го решиме случајот бидејќи судот во пресудата бил подиректен и поконкретен во мислењето кое го дава за тоа дали фирмата е приватна или државна“, рече Влатко Поповски, раководител на Агенција за вработување.
До сега Агенцијата го оспоруваше правото за месечен надомест за порцеланци со образложение дека фабриката веќе била приватизирана во времето кога паднала под стечај. Но, според стечајците пресудите кои ги имаат од сите судови во земјава го тврдат спротивното.
„Ние сме жртва на институциите од 2004 година бидејќи некој таму не ги спорведувал задачите кои биле предложени од владините комисии. Би сакал да се испитува кој е виновен бидејќи сега тоа создава проблеми. Без разлика на се овој пат сме убедени дека или ќе си ги добиеме позитивните решенија или ќе добиеме решение во кое децидно ќе стои ако не била државна сопственост тогаш кој е сопственикот на порцеланка, по што работа би требало да има народниот правобранител“, рече Ѕвонко Самарџиев, преставник на стечајците.
Инаку состанокот се одржа без присуство на јавност бидејќи возачот на директорот Поповски не дозволи новинарите да влезат во зградата на агенцијата во Велес оти така му наредил претпоставениот.
Поповски пак не сакаше да одговори од кога неговиот возач е надлежен да спроведува ред во институцијата само кусо одговори дека се воспоставува нова пракса кога еден час порано новинарите треба да се најават ако сакаат да влезат во институцијата./Б.Н.