Велешките основци не се тркаат за упис во средно, места има на претек!
Годинава за 1130 слободни места во четирите средни училишта во Велес конкурираат 529 ученици од петте градски и уште неколку подрачни училишта во општината. Состојбата во градот, на првиот ден од уписот, беше релаксирана. Во средните училишта немаше гужви и редици.
Учениците доаѓаа, поднесуваа документи и без проблеми си заминуваа. Но ситуацијата, беше очигледно, дека ги загрижува професорите иако никој не сакаше да коментира. Во денешниот ден во просек во четирите училишта се запишани помеѓу 100 и 120 ученици, рече инспекторот за образование на општина Велес, Божидар Јовиќ.
– Треба да почекаме и утре, бидејки уписниот рок трае два дена. Слободни места има и неможеме да правиме анализа бидејќи комплетна слика, со точни бројки на вкупно запишани ученици во средно училиште во Велес, ќе имаме во август кога ќе завршат сите рокови- рече инспекторот Јовиќ.
До пладне во економското училиште конкурираа 120 ученици за вкупно 170 места. Таму во вторник ги очекуваат учениците од основните училишта во соседните општини Градско, Чашка, Лозово и Свети Николе.
Во останатите средни училишта во градот, гимназијата Кочо Рацин, средното стручно Коле Неделковски и хемиското Димитрија Чуповски, сметаат дека на крајот од првиот уписен рок ќе се пополнат сите места.
Тие минатиот месец организираа отворени денови и имаа средби со учениците од основните училишта се со цел што подобро да ги информираат кои се придобивките од образованието што го нудат.
Гимназијата подготви и специјален каталог во кој комплетно се прикажани сите насоки со бројот на часови како и информациите за тоа која насока каков профил оспособува се до можностите кои потоа им се нудат на учениците со завршено гимназиско образование за запишување на високо образовните институции.
Но, поранешни професори и инспектори сметаат дека ќе има намалување на бројот на ученици во средните училишта во градот. Тие велат не смее да се занемари фактот дека Велес подолг временски период се соочува со помал број на деца. Ако први со проблемот се соочија основните училишта во кои во прво одделение од година во година има се помалку првачиња тогаш за нив е очекувано дека ќе има и помалку средношколци./Б.Н