Започната е постапката за бришење на Топилницата од ГУП на Велес
Локацијата на која се наоѓа велешката топилница ,која триесет години го загадуваше Велес, не е избришана од Генералниот урбанистички план туку Советот на општината започна постапка за нејзино бришење, рече денеска градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.Тој објасни дека бришењето ќе се случи откако ќе заврши целата постапка во министерството за транспорт и врски каде деновиве ќе бидат предадени потребните документи. Најважна е променетата програма за урбанистички планови за 2013 година во која откако советот ги изгласа ќе бидат додадени двата плана кои се однесуваат на локацијата Топилница и втората во населбата Речани.
– Со добиената согласност од министерството за транспорт и врски за промена на Генералниот урбанистички план за Топилницата се завршува постапката во министерството. Согласно законот за просторно и урбанистичко планирање рокот за добивање на согласноста е 15 работни дена од доставувањето на документацијата. За конечно усвојување на ГУП-от за Топилница по добиената согласнот Советот на општината ќе треба да донесе одлука за донесување на планот. Дури тогаш ќе заврши целокупната процедура за бришење на Топилница од планската документација со која просторот ќе се пренамени во заштитно зеленило, рече Чадиев.
Тој се надева дека постапката во министерството за транспорт ќе заврши до крајот на наредниот месец и дека во септември Советот на општината ќе ја донесе одлуката за бришење на Топилницата од ГУП на Велес./Б.Н