Незири: И да ја бојкотираат наставата, немаме магично стапче за преку ноќ да изградиме ново училиште во село Сливник
Од бојкотот на наставата во петолетката во село Сливник никој нема да добие а најголема штета ќе имаат учениците смета заменик министерот за образование и наука Сафет Незири. Тој денеска заедно со градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев и директорката на подрачното училиште „Васил Главинов“ се сретнаа со родителите на учениците.
– И да ја бојкотираат наставата ние немаме магично стапче со кое веднаш ќе изградиме ново училиште. Законските постапки се знаат. Јас им укажав на родителите дека неможеме и да сакаме нешто да направиме брзо бидејќи има законска рамка која мора да се испочитува, рече Незири.
Тој, по средбата во зградата на општина Велес,соопшти дека на родителите им предложиле решение за проблемот со тоа што министерството за образование ќе обезбеди пари за вработување на втор професор во петолетката во селото Сливник. Така ќе создаде услови за формирање на четири наместо сегашните две паралелки. Половина од осумдесеттината ученици ќе учат во прва а другите во втора смена. Во училниците ќе се обезбеди повеќе простор и поквалитетна наставата.
Градоначалникот Славчо Чадиев им ги презентирал проектите со кои општината ќе обезбеди пат, водовод и одвод во селото.
– Ја разјаснивме работата значи за неколку дена ќе почне изградбата и на објектот во кои ќе се сместат училишните тоалети. Вториот проект што општината го има испратено во министерството за транспорт и врски се однесува на водоснабдувањето и очекуваме да биде одобрен по што ќе ги започнеме работите, рече Чадиев.
Сега преставниците на родителите ќе треба да ги пренесат предлозите на останатите жители во село Сливник. По нив треба да одлучат најбрзо што можат. Во колку ги прифатат треба да ја повлечат заканата за бојкот на наставата во училиштето на 1 септември, годинава.
Тие се заканија пред два дена кога се пожалија на несоодветните услови во кои учат 80-те ученици во селското училиште. Тогаш рекоа дека нивните деца со години настава следат во две училници со вкупна површина од педесет метри квадратни а последните три месеци останале без тоалети. Старите се урнале а запрела изградбата на новите.
Учениците вода пијат од пластично црево врзано за хидрофор во дворот на училиштето. Поради ова се заканија со бојкот на наставата ако во селското училиште, до септември, не се изгради уште една училница, нови тоалети и чешма./Б.Н