Производителите на лебно жито од велешко бараат помош од државата
Само девет денари за килограм лебно жито им нудат млинарите на производителите во велешкото село Иванковци. Тие годинава произведоа над 3 илјади тони пченица и не ја продаваат.
– Произведов илјада тони пченица. Не им ја давам на мелничарите за девет или десет денари. Нека се скапе, но нема да им ја дадам. Жално и срамно е што секоја година сакаат на нашата мака да печалат пари, рече најголемиот производител Ивица Стојчев.
Понудената откупна цена не е прифатлива ниту за производителите од Горно Оризари, Ново Село и Сујаклари. Тие годинава произведоа 13.000 тони пченица. Продале само околу 5.000 тони. Родот го дале само оние што немале каде да го сместат.
– Што да правам. Немам каде да го сместам родот. Едни ми понудија по девет други по десет денари. Го дадов за десет и тоа во млинара која ми го нема платено ланскиот род. Незнам кога ќе ги земам парите, но, едно знам млинарите повторно не изиграа, вели земјоделец од Горно Оризари.
Овие производителите на лебно жито сметаат дека млинарите го надмудриле министерството за земјоделие бидејќи увезуваат брашно од Србија а наместо да откупуваат домашна пченица по 13, 14 и 15 денари тие нудат највисока цена од 9 или 10 денари за килограм.
Затоа бараат министерството да ја продолжи забраната за увоз, а државата да откупи поголеми количества на пченица за своите резерви./Б.Н