Од есен угостителската опрема пред кафетериите само на бетон
Уште ова лето кафетериите ќе можат да ставаат маси и столчиња на зелените површини од спротивната страна на Гимназијата. Од есен тоа ќе биде дозволено само на бетонот. Сопствениците на крајот од септември, ќе мораат да ги соберат платформите, тендите и чадорите. Општината наново ќе го уреди просторот и повеќе нема да дозволува врз него да се поставува угостителски инвентар. Сопствениците на објектите се сложиле да се повлечат од зелените тревници. Доброволно ќе ги ваделе и тендите.
– Разговарав со нив и убаво се договоривме. Сезонава масите и столиците да останат на поставените платформи, врз зеленилото, а по завршувањето да ги соберат до границите кои првобитно им беа одредени. Општината потоа ќе го среди зеленилото, рече градоначалникот Чадиев.
Во овој дел од градот се наоѓаат сите кафетерии кои во изминатиот период полека но сигурно го ширеа просторот на кој поставува столици и маси. Прво почнаа пред самите влезови на угостителските објекти иако истите се пешачки зони за жителите во зградите над нив.
Тоа општинските комунални инспектори не го спречија по што следеше поставување на платформи и на зелените површини. Дел од станарите се жалеа на узурпација на просторот кој ним треба да им служи како пешачка зона или место за седење. Но не успеаја во намерата. Тие и денеска рекоа дека на просторот од близу двеста метри, кој треба да го користат како двор, има само две клупи кој се дел од урбаната опрема на градот.
– Но затоа имаме прекумерно поставени столчиња и маси меѓу кои навечер мораме да се спровираме за да стигнеме до влезовите на зградите. Да не зборувам за гласната музика која некој од сопствениците на кафетериите ја пуштаат и ни го реметат спокојот во ноќта, надвор од законски пропишаното време па мораме да бараме полициска интервенција, рече граѓанин кој живее во овој комплекс на станови.
Граѓаните побараа освен на зеленилото општината да интервенира и во делот на поставените столици и маси на бетонот. Тие бараат точно да се определи местото на кое кафетериите ќе смеат да постават опрема за да не им го попречат влезот во зградите. Од општината бараат освен што ќе го средува зелените површини да им постави клупи и да размисли за урбана опрема во забавен парк за децата./Б.Н