Полицајките даруваа помош за сиромашните велешани

Објавено: 25 септември, 2013, во 17:34 часот

Облека и обувки спакувани во пакети денеска донесоа полицајките пред станицата во Велес. Организирани преку секцијата на жени при полицискиот синдикат  спроведоа хуманитарна акција со цел лично да им помогнат на припадниците на најранливата категорија на граѓани. Она што ги мотивирало на ваква активност била реалната состојбата во која живеат некои граѓани и приказните за сиромаштијата емитувани на телевизиите во градот и државата.

– Согледавме дека има голем број на луѓе на кои им е потребна ако не поголема тогаш минимална помош која ние можеме да ја даруваме. Тоа не поттикна да организираме хуманитарна акција и денеска да се собереме сите вработени жени за да ја реализираме, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

Освен полицајките денеска во акцијата се вклучија сите жени кои работат во службите на полициската станица. Освен облека и обувки, за деца и возрасни, тие даруваа и употреблива постелнина, перници, покривки и други мекани работи. Во исто време подготвија и закуска од солени и благи производи. Топлото време го искористија и за кратко дружење пред влезот на полициската станица.

На настанот пристигнаа и волонтерите на Црвениот крст. Тие ја примија донацијата која потоа беше однесена во просториите на хуманитарната организација. Секретарот на општинската организација Миле Маџаров им се заблагодари на донаторките.

– Вработените во Секторот на внатрешни работи континуирано продолжуваат со својата опшествена одговорност кон заедницата и населението. Тие и досега биле дел од организираните доброволни крводарителски акции, од едукацијата за колективна здравствцена заштита сега жените од секцијата се организаторки на благородна активност во која подаруваат материјални добра со кои располагаат а ќе им користат на дел од граѓаните кои живеат во лоши услови на што им се посебно благодарни, рече Маџаров.

Ова е само еден пример на хуманост што велешани ја покажуваат и секако може да поттикне, да биде пример за други членки на женски или други организации како и за поединци во градот.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.