Велешани масовно се потпишуваат на еколошката иницијатива против изградбата на тешките загадувачи во близина на населено место
Објавено: 26 септември, 2013, во 15:57 часот
Велешките екологисти од „Вила Зора“, за неколку часа, собраа 700 потписи на граѓани кои сметаат дека државата со закон треба да забрани изградба на тешки загадувачи во близина на населени места во Македонија. Растојанието да не биде помало од 5 километри е оправдано за најголем број на граѓани кој денеска доаѓаа и се потпишуваа на еколошката иницијатива на штанд поставен пред поранешниот хотел Интернационал, на плоштадот Сармаале. Има велешани кои на екологистите им сугерираа дека растојанието треба да биде и поголемо.
– Граѓаните повторно ни ја даваат поддршката на што сум им особено благодарен. Во исто време ни соопштуваат што се преживеале од загадувањето од Топилницата. Ставајќи го потписот на иницијативата тие порачуваат грешката ос Велес никогаш повеќе да не се повтори на друго место, рече д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“.
Постапката за собирање на 10 илјади потписи за оваа еколошка иницијатива се повторува откако претходно граѓаните од Велес од Скопје, Битола и Охрид ги собраа но државата не дозволи расправа по иницијативата за дополнување на Законот за животна средина во Парламентот. Сега екологистите ќе се обидат со собрани потписи истата иницијатива во македонското собрание да ја внесат преку пратениците.

-Претходно ние ги собравме потребните 10 илјади потписи во канцелариите на Државната изборна комисија но, за жал не ни беше овозможено иницијативата да се најде пред пратениците поради повеќестрани опструкции на институциите кои наместои да го почитуваат Уставот и законот работат според свои начела и закони. Затоа повторно собираме 10 илјади потписи со кои овојпат ќе се обидеме да ја внесеме иницијативата преку група на пратеници, рече Коциќ.
Во Велес потписи за поддршка на оваа еколошка иницијатива се собираат секој ден од 12 до 14 часот на плоштад Сармаале. Екологистите најверојатно ќе отворат уште еден штанд на втора локација во градот. /Б.Н


