Секнаа чешмите во село Караслари, жителите еден месец бараат од општината да им пушти вода

Објавено: 28 септември, 2013, во 15:22 часот

Стотина домаќинства од селото Караслари, со околу 600 жители, веќе еден месец се без вода за пиење иако велат дека редовно ги плаќаат сметките. Деновиве ЈКП Дервен им носи вода во цистерни, но за оние во повисоките делови поради лошиот пат проблем е и транспортот.

„Еве гледате како оди, со магариња и трактори се обидуваме да ги пренесеме бурињата и шишињата кои ги полниме. Ова го немало ни во минатиот век“, вели Тоде Делчевски.

„Се мачиме, мизерија. Машината за перење со вода од буриња ја полниме“, рече Себедин Бехтари.

Во семејството на Стојанка Јакимовска има новороденче. Оваа баба се жали најмногу на маките со кои обезбедуваат вода за капење на бебето и перење на алиштата. Во домот нема вода па Стојанка оди на селската чешма и таму пере се што се насобрало преку неделата.

„Еве дома снаата има мало бебе, нема ни четириесет дена, морам се да перам на селскава чешма. Се собраа и завеси и прекривки и тие треба тука да ги перам, да ги плавам“, вели Јакимовска.

Од месната заедница велат дека проблемот настанал од кога е исклучена трафостаницата од која водоводниот систем се снабдува  со струја. Таа е на сопстевникот на мотелот Македонија кој е во близина на селото, а тој повеќе пати ја предупредил општината дека ќе ја исклучи.

„Одевме во општината да им кажеме, баравме средба со градоначалникот, ама ни велеа дека не бил таму, на работа. Што да се прави таков е селскиот живот“, вели Тони Митковски од месната заедница во Караслари.

Од општината информираа дека сега била побарана согласност од ЕВН за нова трафостаница, но кога точно ќе се реши проблемот не знаат.

„Во моментов интензивно се работи на подготовка, ја побаравме согласноста и очекуваме во најкраток рок да се заврши се. Молиме за трпение од жителите на селото“, рече портпаролот на општина Велес, Мартин Мајсторов.

Ова е трета година како секнуваат чешмите  во Караслари. До сега локалната власт не успеала да изгради нова трафостаница. Селаните сами си го изградиле водоводниот систем, преку самопридонес пред осумнаесет години, а сега е во надлежност на јавното комунално претпријатие „Дервен“./Б.Н.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.