Специјалист за уво, нос и грло од Скопје ќе доаѓа да ги лекува велешани

Објавено: 7 октомври, 2013, во 16:15 часот

Само лекарот специјализант денеска работел на ушното одделение во велешката болница. Тој ги лекувал пациентите бидејќи раководителот на одделението д-р Мирјана Смилева е на боледување а вториот лекар вчера заминал на едномесечна едукација во Бугарија.

Како што денеска соопшти д-р Смилева таа морала да замине на боледување бидејќи нејзината ќерка, лице со посебни потреби, доживеала несреќен случај и ја скршила ногата. Докторката за да ја негува, земала одмор но, по три дена морала да го прекине и да се врати на работа. Состојбата во која се нашла поради повредата на ќерката наложила да мора да отиде на боледување бидејќи само така можела да отсуствува од работа.

– На одделението сме само двајца специјалисти. Кога побарав не бев прашана зошто ми треба одморот. Колегата специјалист замина на едукација па на одделението остана само специјализантот, рече д-р Смилева.

Директорот на болницата д-р Атанас Василев вели дека денеска бил затекнат од состојбата на одделението за уво, нос и грло. Тој објасни дека немал информација за тоа што и се случило на колешката Смилева која не го информирала за да ја поместат едукацијата на вториот лекар специјалист.

– Да ја знаев точната информација, дека докторката Смилева користи одмор поради повреда на детето тогаш доктор Бојаџиев не ќе мораше сега да замине на  едукација во Софија. Но решение веднаш најдов со тоа што денеска обезбедив лекар специјалист од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје. Тој од утре ќе доаѓа секој ден на одделението во 9 часот и ќе работи со лежечките и пациентите во амбулантата, рече д-р Василев.

Лекарот специјалист од Скопје, на одделението во велешката болница, ќе му помага се додека не се врати еден од двајцата специјалисти или докторката Смилева, која сега користи боледување или докторот Бојаџиев кој е на едукација./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.