Измената на ГУП за топилница и најавената инвестиција во Каласлари, најуспешни проекти за градоначалникот Чадиев во неговиот отчет!
Општината денеска го промовираше отчетот за досегашната работа на градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
Иако до април навршува една година од доаѓањето на градоначалничката функција, Чадиев вели дека сакале да го избегнат предизборниот период за претстојните претседателски избори па за тоа сега го промовираат. Вели дека е горд за реализацијата на досегашните проекти.
„Во овој отчет се собрани речиси сите проекти кои се поврзани со инфраструктурата, промената на урбанистичките планови и изградбата на потпорни ѕидови. Од тука граѓаните ќе можат да дознаат и за меѓународните контакти со збратимените градови, како и за учеството на политичките и бизнис форумите. Сепак како најбитни за мене ги издвојувам проектите како што се промената на урбанистичкиот план за топилницата со што таа и избришата од картата на Велес, како и најавената изградба на фабрика во индустриската зона Каласлари.“, рече Чадиев.
Инаку отчетот кој денеска го презентираше градоначалникот, тој лично заедно со претседателот на советот и дел од општинската администрација ќе го делат по домовите и улиците низ градот. Испечатен е во 6 илјади примероци, а целта е транспарентното работење на локалната власт. Колку точно пари ќе чини сеуште не се знае. Секоја година граѓаните треба да очекуваат ваков отчет за мојата работа, вели Чадиев./Б.Н.