Плоштадите празни, рестораните на осми март полни
Со пријателките, колешките или најблиските роднини на неколку часовно дружење во ресторан. Вака одлучија поголем број на велешанки да го одбележат празникот на жената. За него добро се подготвија угостителите и традиционално ангажираа музички групи и естрадни уметници за што поубава и повесела забава на гостинките.
На плоштадите во градовите денеска жени имаше но само кога минуваа или трчаа кон рестораните. Ниту една од припадничките на понежниот пол денеска не размислуваше за прослава на празникот како што тоа го направила Клара Цеткин. За поголеми права, подобри услови за работа, поголема рамноправност денеска никој не сакаше да зборува.
– Јас сум домакинка и традиционално на овој празник доаѓам со моите керки. Тие велат дека сум заслужила еднаш во годината да ме изнесат надвор од домот. Значи јас сум гостинка овде а организаторки на се` се двете ќерки, рече велешанка која седеше на маса во ресторан и гледаше како останатите гостинки ги играат македонските ора.
– Со јатрвата дојдовме на покана на деверот. Тој не донесе а ние ќе го почастиме, ќе поседиме малку, ќе погледаме како младите играат и се забавуваат. Така и ние бевме ама на млади години, рекоа двете велешанки на соседната маса.
Со помладите госпоѓи и не можевме да поразгвараме бидејќи играа и се веселеа постојано а музикантите не прекинуваа да свират и пеат. Оние кои ги сретнавме на улица сметаа дека денешниот ден не треба да биде посветен на политика, многу дебати и полемики. А ние ја спомнавме само Клара Цеткин.
Инаку денешниот ден донесе раздвижување во градските цвеќари каде што ни рекоа дека продале најголем број на ружи. Спакувана една ружа, денеска, најчесто барале младите момчиња за своите девојки. За букети се определиле нешто повозрасни мажи кои посакале да ја изненадат сопругата.
Саксиско цвеќе било избор на повеќе жени кои го намениле како подарок за мајките, ќерките и пријателките.
Децата купувале зумбули.
Осми март е еднаш во годината и треба да се одбележи а најдостоинствен подарок е цветот, рекоа денека цвеќарките очигледно задоволни од потрошувачката на цвеќе.
До крајот на денот во Велес ќе бидат организирани уште вечерните ресторански забави, на кои е скоро се исто како дневните, освен што придружникот со кој се оди е сопругот.