Дел по дел се реализира новиот сообраќаен режим во Велес, кружниот тек кај Авона ќе го диктира сообраќајното решение
Покрај кружниот тек на влезот на градот, ќе се гради уште еден кај Авона, кој потоа треба да го наметне новиот сообраќаен режим во градот.
Но предвидената големина на кружниот тек од 22 метри, пропишана во студијата за новите сообраќајни решенија, сега им прави проблеми на надлежните. Моментално се бара соодветно решение за него и кога ќе се добијат сите дозволи ќе се почне со изградба. Но не се исклучува и можноста, наместо кружен тек да се постави звучна сигнализација.
„Ќе видиме, дали ќе биде кружен тек или звучна сигнализација, па според тоа ќе го одредиме сообраќајниот режим. Ние сме спремни и за едното и за другото решение. Во секој случај таму ќе се воспостави ред во сообраќајот, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Во меѓувреме се подготвува теренот за изградба на кружен тек кај Башино Село, кој ќе биде осветлен и ќе претставува северен влез на градот. Неодамна почнаа градежните работи на кружниот тек на влезот во градот, кој ќе чини 115 илјади евра. Според градоначалникот ова е објективна цена по сите пресметки што може да се добие за еден таков кружен тек на таква местоположба.
„На понудената цена немаше никакви приговори, сите останати цени беа повисоки. Додека кружниот тек кај Авона ќе чини околу пет милиони денари. Самиот ископ, конфигурацијата и целата изведба се прецисно пресметани колку ќе чинат, рече Чадиев.
Студијата за новиот сообраќаен режим, експерти ја направија уште пред неколку години. Дури сега дел по дел се реализираат новите сообраќајни решенија во градот./ Д.С