Идните економисти и правници учеа за носењето на одлуки битни за градот!
Дваесетина ученици од економското училиште „Јовче Тесличков“ и гимназијата „Кочо Рацин“ беа будна јавност при носењето на одлуките на 17 – та седница на велешкиот совет.
Тие се дел од проектот „Учество на средношколци во работата на советот“ кој е подджан од општината, а го реализира „Здружение на финансиски работници“.
„Добивме поддршка за овој проект преку кој минатата недела организиравме наставен час на кој учениците од економската и правната паралелка уче за тоа што е буџет, приходи расходи, годишен изештај, завршна сметка и начинот на кој функционира советот. Многу се интересираа и прашуваа и навистина имаше голем ефект од овој час. Денес пак сме тука во општинската сала за одблиску да го следат токму она за што разговаравме на тие часови и мислам дека ќе им стане многу појасно“, рече Благородна Ампова, Здружение на финансиски работници.
За претседателот на советот пак ова е одлична можност за во иднина со свои предлози и сугестии почесто да се анимира јавноста и средношколците во работата на советниците.
„Порака до сите граѓани да покренат барање до советот за следење, но и учество во работата со што на прво место би се зголемила и транспарентноста. Големо ми е задоволството бидејќи со ова уште повеќе ги анимираме средношколците во нашата работа да го подигнеме нивниот интерес за начинот на кој се носат одлуките како и за проблематиката со која се занимава локалната самоуправа и со самото тоа дополнително да ги заинтересираме за процесите во нашето оштество“, рече Александар Колев, претседател на совет.
Инаку од почетокот на работата на овој состав на советот од пред речиси една година ниту еден граѓанин не побарал да присуствува на некоја од 17 – те досегашни седници. Сепак претходно во неколку наврати здруженија на граѓани или поединци го искористиле ваквото право велат од општината./Б.Н.