Се создава подмладок за занаетите кои изумираат во Велес
Кети Димитриевска има девет ипол години и веќе знае да плете и ткае. Научи во изминативе десет дена додека ја посетуваше работилницата во куќата на Касапови. Сплетените мартинки и белегзици ќе ги подари на родителите и братот. Кети вели дека ќе продолжи да плете а доколку најде разбој ќе продолжи и да ткае.
„ Јас годинава за прв пат ја посетував работилницата и ми беше многу интересно. Ќе дојдам и вгодина бидејќи се одржува во лето, кога не одиме во училиште, многу е интересно. Дотогаш дома ќе продолжам да плетам а ако најдам разбој и ќе ткаам како што ми кажуваше баба Вида,“ рече Кети.
Овие традиционални вештини, годинава по втор пат, ги усовршуваше и четиринаесет годишната Пнар Јашарова. Девојчето плетеше ташниче од вуница додека ни објаснуваше колку е едноставно ако плетката е обична.
„Јас плетам права плетка во моментов. Потешко е кога треба да исплетам еден прав и еден крив котелец или да преметнувам вуница преку иглата. Тоа го работев и дома. Ќе продолжам, не се откажувам затоа што вештината и брзината одат заедно. Со баба Вида учев и да ткаам. Многу е интересно и сакам повторно да дојдам,“ рече Пнар.
Додека разговаравме со овие две девојчиња низ чардакот на куќата на Касапови одекнува брдилото од разбојот на кој ткае Мартина. Таа има само тринаесет години и вешто ги управува подношките додека со рацете ја вметнува префрлачката на која е измотана волницата која влегува во кросното. Се ткаее шестиот метар од волнената дипла која ја надгледува баба Вида.
„Горда сум на овие деца и знам дека токму нивниот талент нема да дозволи да исчезне ова традиционално производство на рачни ракотворби во Велес,“ рече Вида Станчева. Таа и инструкторката Тања во изминативе десет дена работеа со групата деца и заедно везеа, плетеа и ткаеја.
Во истото маало, на педесеттина метри погоре од куќата на Касапови, позната во Велес како куќата што лебди, во столарската работилница на спомен куќата на Васил Главинов друга група ученици го совладува овој занает. Ударите на чеканот врз длетата и длабењето на дрвото во рацете на овие деца го надгледува столарот Трајче Игнов. Неговото дваесет ипет годишно искуство му говори дека има надеж за спас на занаетот во Велес.
„ На прсти може да се изброиме колку вкупно столари има во нашиот град. Овде препознав талент кој мора да продолжиме да го негуваме и усовршуваме. Ако заедницата покаже поголема грижа тогаш овие деца ќе бидат одлични мајстори. Имаат чувство за оплеменување на дрвото, тоа особено ме радува, рече Игнов.
Детските раце веќе создале минијатури на бунари, разбои, колца и други украси. Секој од нив работел на нив. Овие сувенири размислуваме да ги ставиме на продажба и децата да ја почувствуваат нивната вредност а преку нив и вредноста на трудот што го вложиле вели Гоце Станчев од ЗГ “Разбој“.
„Како организатори на овие работилници ќе се обидеме сувенирите да ги продадеме. Така ќе овозможиме одржливост на проектот кој сега го финансира општината и ќе овозможиме купување на репроматеријали но и вклучување на многу поголем број на деца вљубеници во традиционалните занаети од досегашните 120 во изминативе четири години. Квалитетни сувенири од глина создадоа и децата од грнчарската работилница во спомен куќата на Кочо Рацин,“ рече Станчев.
Ако идејата успее, тогаш се чини дека најзадоволни ќе бидат занаетчиите во Велес. Ќе се создаде подмладок за нивните занаетчиски дуќани кој засега еден по друг добиваат катанец на влезната врата. /Д.С
