Обрасната трева, мравки и змии на градските гробишта во Велес

Објавено на 25 јуни, 2014 во 09:12

Обрасната трева, непристапни патеки до гробните места, ваква е сликата на дел од гробиштата на црквата Св. Спас. Граѓаните се жалат дека тешко се доаѓа до гробовите поради високата трева, а неодамна затекнале и роеви мравки од кои тешко се спасиле.

Велат се плашат да одат да ги посетат вечните почивалишта на своите најблиски од страв дека ќе им излезе змија или какво било друго животно. Се обратиле и до луѓето кои се задолжени за одржување на гробните места и побарале да ја искосат тревата, но косилицата била расипана, па им рекле откако ќе ја поправат, ќе го сторат тоа. За ваквата состојба побаравме став од Јавното комунално претпријатие Дервен под чија надлежност се градските гробишта.

 

Од таму велат дека одговорноста за одржување на гробните места ја сноси носителот на гробното место, додека јавното комунално претпријатие како управител на гробиштата е должен за одржување на пристапните улици како и на пристапните патеки до гробните места. Нивна должност била и одржувањето на ладилниците и санитарните места, но не и самите гробни места.

„Јавното комунално претпријатие  Дервен располага со повеќе косилки и ниедна не е во дефект. Вработените од ЈКП Дервен редовно ја косат тревата на градските гробишта (не и врз гробните места). Надоместокот за одржување на градските гробишта изнесува 60 денари месечно, а не 160 денари, рече Тодорка Андреевска, портпарол на ЈКП Дервен.

Ништо подобра не ниту состојбата на градските гробишта на црквата Св. Пантелејмон, особено на гробните места од левата страна во долот до кои тешко се стигнува поради непристапниот терен и немањето пристапни патеки. И таму граѓаните се жалат дека обраснатата трева им го попречува патот до гробиштата, а се плашат да одат затоа што во неколку наврати пред нозе им поминале змии./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.