Екологистите бараат мерки за намалување на загадувањето на воздухот

Објавено на 29 октомври, 2014 во 13:47

Иако не е алармантна, состојбата со загадувањето на воздухот во Велес е забележителна и на високо ниво. Како еден од петте најзагадени градови, Велес повторно се враќа на црната листа, велат екологистите. Неодамнешните мерења на министерството за животна средина потврдија дека присуството ПМ 10 честичките е над нормалата и штетно влијаат врз здравјето на граѓаните. Најчести причинители се маглата, прашината, густиот сообраќај и индустриските капацитети. Состојбата станува полоша со стартот на грејната сезона, кога најголем дел од жителите се греат на дрва.

Екологистите сметаат дека во државата треба да се преземат итни мерки за намалување на загадувањето во градовите.

„Ние не можеме да влијаеме на она што не е достапно за нас, како на пример на маглата, но секако можеме да влијаеме на дозирано индустриско производство, на употреба на поеколошки средства за згревање на домовите и во индустриските капацитети. Можеме да влијаеме на намалување на обемот на сообраќајот пред се на исклучување на возилата од сообраќајот кои не задоволуваат минимални еколошки стандарди. Така да со една сеопфатна акција можеме да помогнеме да се намали загадувањето, рече претседателот на ЕД “Вила Зора“, д-р Ненад Коциќ.

Како граѓани со високо развиена еколошка свест, велешани можат да се изборат за здрава животна средина, смета Коциќ. Според него доволно е граѓаните да се завртат кон еколошките средства за загревање на домот па и во користењето на возилата во сообраќајот а раководителите на индустриските капацитети ќе покажат еколошка свест и совест доколку практикуваат дозирано производство и ги применуваат еколошките стандарди во процесот.

Така велешани ќе ги заборават црните денови од времето на работењето на Топилницата и конечно ќе дишат чист воздух./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.