„Почитувај ги правилата, почитувај го животот“- кампања на МВР и Републичкиот совет за безбедност на патишта
Дваесет евра или десет негативни поени казна за возачите кои не носат сигурносен појас, заштитен шлем и не ја почитуваат брзината на движење на патиштата. СВР Велес во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата спроведува интензивна акциска контрола со цел подигање на свеста кај сите учесници во сообраќајот.
Денеска сообраќајците ги контролираа возачите во центарот на градот. Неколкумина од нив ги предупредија и им посочија задолжително ставање на сигурносен појас.
„Досега многу често неносењето на сигурносниот појас или пак на заштитниот шлем кај управувачите на моторцикли се покажало како причина за предизвикување на сообраќајни несреќи со тешки и фатални последици. Целта со оваа кампања е да наметнеме почитување на правилата во сообраќајот како еден вид на стил и начин на живот, преку кое што граѓаните почитувајќи ги правилата покажуваат дека го почитуваат својот живот, рече портпаролката на СВР Велес, Анита Стојковска.
Кампањата под мотото „Почитувај ги правилата, почитувај го животот се спроведува од септември минатата година. Првите два месеца од стартот на кампањата возачите само се предупредуваа, но одтогаш до денес се санкционираат, така ќе продолжи и во иднина, информираат од СВР Велес. Инаку секторот изминатата година регистрирал 317 прекршоци за неносење сигурносен појас. Само во јануари годинава биле регистрирани дури 84 прекршоци./Д.С