Бошкови кај соседите, Јанушеви кај ќерката по пожарот што пред неполн месец им ги пеплоса куќите во населбата Дворови
Нема каде да живее семејството Бошкови, едно од двете чии куќи пред три недели ги пеплоса пожарот во велешката населба Дворови. Тие не одговориле на повикот на сопственикот да бидат сместени во мотелот „Македонија“ кај селото Караслари бидејќи двете деца им биле средношколци и не ќе можеле од таму да патуваат на училиште во Велес. Сега на Бошкови привремено една соба им отстапи соседот Кире Јанушев, брат на сопственикот на втората изгорена куќа. Под ист покрив во моментов живеат шестчленото семејство Јанушеви и четиричленото семејство Бошкови.
„Секаде бев, во општината, во Центарот за социјални работи, во јавното стамбено претпријатие и ми рекоа дека имало некој стан во социјалните згради во Тунелот. Треба да се воздржаме малку да се донесат некакви одлуки од Скопје па да се реши нашиот проблем. Или пак да почнеме да бараме помош во градежен материјал и да градиме нешто на местото каде што изгореа куќата,“ рече Ристе Бошков.
Тој искажа благодарност кон хотелот „Гарденија“ и ресторанот „Боеми“ кои во изминатите две недели им давале храна. Сега се гости на семејството Јанушеви па делат се од леб до постела.
„Очекуваме да дојдат и да ни помогнат добронамерни луѓе бидејќи домаќините не угостуваат. Јас работев столарски занает во куќата што ми изгоре. Сопругата не работи и немаме никаков приход. Добивме сретства од општината и од градоначалникот како и од здружението на пензионери. Ми најавија еднократна помош и од Центарот за социјални работи. Ако успееме да преживееме добро ќе биде да го расчистиме целосно плацот и да направиме барем една соба и бања. Не е многу широко кај моите домаќини па и не треба да претеруваме и да им досадуваме,“ рече Бошков.
Притоа изрази желба додека не се снајдат сепак државата да му помогне со сместување во стан. Освен Бошкови помош му треба и на семејството на Јане Јанушев чија куќа исто така изгоре во пожарот. Тие привремено се сместени кај ќерката. Последиците од пожарот се санираат и во третата куќа на Рашеви во која работеше конфекција. За изградба на нови домови и целосно ставање во функција на објектот на текстилната фирма се потребни многу пари кои лесно не се обезбедуваат. Но, најприоритетно за овие семејства е да обезбедат барем минимални услови за живеење./У.Ј