Опозициските бомби утре ќе „пукаат“ од Велес, но не откриваат што содржат
Од општинската организација на СДСМ не откриваат на која тема ќе бидат таканаречените бомби што утре попладне опозицијата ќе ги „испука“ од Велес. Вистината за Македонија како што рекоа на денешната прес конференција ќе се слушне од Ликовниот салон со почеток во 14 часот.
Опозицијата ги повика граѓаните да присуствуваат и на граѓанскиот собир кој ќе започне во 18 часот кај Багремче во населба Тунел. Тој ќе се движи по главната улица се до Гимназијата Кочо Рацин каде на велешани ќе им се обрати лидерот на СДСМ Зоран Заев.
„Почитувани сограѓани, придружете ни се на овој исклучително важен историски момент за Република Македонија, да ја имаме честа но и обврската да бидеме на браникот на враќањето на слободата и демократијата во нашата татковина“, рече претседателот на СДСМ Велес, Панче Иванов.