Заев од Велес: Нема повеќе молчење, мораме да си ја вратиме државата
Од Багремче по главната градска улица „Благој Ѓорев“ до пред Гимназијата „Кочо Рацин“ маршираа вечерва во Велес граѓаните и поддржувачите на опозициската СДСМ заедно со партиите во коалицијата. Таму се одржа митингот на кој пред присутните се обратија претседателот на велешките социјалдемократи Панче Иванов, заменик претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска и лидерот на партијата Зоран Заев.
Заев пред велешани рече дека битката што сега ја води СДСМ и опозициските партии повеќе не е обична битка и тоа им е јасно на сите, како бел ден, не е ни битка помеѓу СДСМ и ВМРО, опозиција против власт туку тоа е битка на слободарскиот народ против врхушката на власта, народна борба во 21 век со докази и аргументи. Ова е битка за човековите слободи и права, загубени во Македонија.
„Цела Европа покажува дека во Македонија владее диктатура и автократски режим , до кое дереџе дојде државата. Денеска и Амбасадорот на Соединетите Американски држави како и сите пред него, на Европската Унија велат мора да се провери автентичноста на снимките и согласно нивната содржина да се одговара. Амбасадорот Бејли, уште да ги замоли со многу внимателни зборови, да си одат. На целиот пријателски наклонет свет кон нашата земја му е јасно дека се работи за диктатура и режим Тие зборуваат како на безболен начин да замине ова зло и Македонија да се врати на патот кон добрата иднина, чекорејќи кон ЕУ и НАТО. На нашиот народ му е веќе јасно дека тие во врхушката на власта станале богови. Нема повеќе молчење, мораме да си ја вратиме државата. Цела држава чувствува дека ова е македонска година, дојде конечно долго очекуваната македонска пролет и на сите нека им е јасно дека нема да ја испуштиме. Со оваа македонска пролет ќе се вратат правдата,демократијата,слободата на сите граѓани ,“ рече Заев.
Тој додаде дека се повеќе граѓани знаат дека мора да се застане на патот и да се спречи кражбата на државата бидејќи еден ден децата и внуците ќе прашуваат што правеле граѓаните кога тоа се случувало.
„ Херои се оние кои повеќе мислат на сопствените деца отколку што мислат на себе. Херои се кога застануваат на браникот на татковината тогаш кога и требаат. Херои сте сите вие почитувани граѓани оти сте тука денес и заедно ќе ја извојуваме оваа битка за нашата татковина. Затоа ќе ја повторам нашата парола, во името на Уставот и законите, се поголемото мнозинство во Република Македонија, од овде од Велес, ги повикуваме сите граѓани да застанат рамо до рамо со сите нас за да го одбраниме Уставот и суверенитетот на нашата земја, “ додаде Заев.
Пред граѓаните Радмила Шекеринска ја објасни целта на битката за вистината притоа потенцирајќи дека таа е како вечерашниот марш,кој почна далеку од целта но успеа затоа што граѓаните постојано пред себе го имаа правиот пат и ниту во еден момент не скршнаа лево или десно.
„Целта е оваа држава повторно да застане на свои нозе. Целта е овие граѓани повторно да можат да кажат дека веќе никој ништо не им може. Тука сме за да покажеме дека стравот веќе не живее во Македонија. Ако некој денеска дојде во Велес и погледне што се случува ќе знае каде е и со кого е оти кога власта нешто организира на влезот во градот ве чекаат стотици автобуси, затоа што нив не им треба Велес. Нив им требаат туристи кои ги водат од еден во друг град, кои слушаат и ракоплескаат а некогаш и не ракоплескаат. Ако влезете во Велес ќе видите дека опозицијата не го става својот народ во затворени простории, како што тие тоа го прават,трудејќи се на своите да не им дозволат да осетат слободен воздух.Тие нека влезат во салите ние ги освојуваме улиците. Ние сме отворени за сите, кои сакаат, знаат и можат да помогнат,“ рече Шекеринска.
Претседателот на велешките социјалдемократи Панче Иванов рече дека лесно е да си владетел на уплашен народ, потребно е да си нечовек и ги потенцираше лошите резултати на владеењето на власта.
„Велес е прв во Македонија по бројот на исселени млади луѓе во странство наместо перспективата да ја гледаа овде, а ја имаа. Ќе ве прашам дали од тоа постои поголем пораз. Вистината не може да биде бесконечно сокриена. Народот дозна се. Сега имаме јасна слика какви луѓе – нелуѓе ја креираат нашата судбина, какви монструми си поигрувале со нашите животи. Повеќе не смееме да бидеме на погрешна страна и да живееме со минимум стандард. Не смееме повеќе да бидеме не одлучни поради ситни разлики меѓу нас. Имаме заеднички проблем кој не донесе на работ на егзистенцијата. Тој проблем има име ВМРО ДПМНЕ со фамилијата,“ рече Иванов./У.Ј